Шпанските спасувачи и натаму се обидуваат да дојдат до 2-годишното дете кое во неделата паднало во тесен и длабок бунар.
Детето Хулен, било видено како паѓа во бунарот додека со семејството шетал низ приватниот имот во Тоталан, кај Малага на југот на Шпанија.
Спасувачите не можат да влезат во бунарот бидејќи е широк само 25 центиметри, а се верува дека е длабок повеќе од 100 метри.
Една од снимките кои ја покажуваат внатрешноста на бунарот, докажува дека тоа сигурно било страшен пад. Камерата ги снимила наслагите на земјата, песокот и камењата на некои 100 метри длабочина. Се верува дека имало свлечиште кое ја донело земјата, поради што спасувачите не можат да допрат до детето.
Стравот од нови свлечишта ја отежнува потрагата.
Меѓу работите кои спасувачите ги извлекле од бунарот била пронајдена коса, а со ДНК анализа било потврдено дека таа му припаѓа на детето.
Шпанската полиција соопштила дека вработените во една шведска компанија, која пред повеќе од 7 години помогнала да се лоцираат и спасат 33 чилеански рудари откако 69 дена минале под земја, дошле во вторникот за да помогнат во операцијата за спасување на детето.
Се разгледува можноста за копање на алтернативни канали до дното на бунарот, а службениците соопштиле дека работат на прекопување на тунел во близина на бунарот.