Поранешниот премиер ја потресе Британија: Одложете го Брегзит, нека одлучат граѓаните!

Точка

18/01/2019

09:30

2.017

Големина на фонт

а а а

Гордон Браун кој беше премиер на Велика Британија во периодот од 2007-ма до 2010-та година изјави дека постои растечки бес на јавноста затоа што граѓаните гледаат еден парализиран парламент.

Поранешниот британски премиер порача дека владата треба да го одложи формалниот процес на напуштање на Европската унија за една година, со цел да ги вклучи и граѓаните во процесот кои што би можеле да го разбијат политичкиот застој.

Додека часовникот немилосрдно отчукува кон 29-ти март кога конечно треба да се реализира Брегзит, односно Велика Британија да ја напушти Европската унија, Обединетото Кралство се наоѓа во најголемата политичка криза во последните 50 години. Поради тоа, многумина се прашуваат и дали воопшто Велика Британија ќе го напушти европскиот проект каде што се приклучи во 1973-та година.


Претходно во текот на оваа седмица пропадна предлогот на британската премиерка Тереза Меј кој што предвидуваше „пријателски развод“ со независната трговска политика. Парламентот го отфрли предлогот, а тоа се смета за најголемиот пораз на некој британски лидер во поновата историја.

Браун кој што беше премиер од партијата на Лабуристите од 2007-ма до 2010-та година, смета дека граѓаните стануваат се понезадоволни, затоа што единствено можат да видат еден парализиран парламент.

„Тоа е комбинација на блокиран парламент, уште повеќе блокирана земја и растечка недоверба меѓу парламентот и луѓето. Поради тоа сум загрижен за нашето единство“, изјави Браун во говорот одржан во Единбург.


„Доколку парламентот не може сам да ги реши проблемите кои што ги создаде и ако и натаму сме во неистражени води, како брод на море без компас, мапа и појас за спасување, тогаш е време одновно да размислиме“, изјави Браун.

Тој порача дека во последните два века, парламентот секогаш успевал да ги реши политичките кризи со компромис и реформа, но моменталната ситуација е посебна, затоа што се чини дека парламентот е неспособен да го прекине застојот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг