Портпаролот на Владимир Путин, Димитриј Песков за весникот „Аргументи и факти“ откри неколку детали за рускиот претседател кои што досега не беа познати во јавноста.
На прашањето дали некогаш го буди Путин доцна во ноќта, Песков откри дека секако тоа се случува кога се итни работи во прашање, но портпаролот на рускиот претседател исто така додаде „Фала му на Бога, тоа не се случува така често“.
„Морате да разберете дека Путин обожува да работи, тој има свое сфаќање за времето. Обичниот човек работи и го чека петок, го чека викендот. Путин го нема тоа чувство, тој нема слободни денови“, изјави Песков кој што откри дека работниот ден во Кремљ трае до 22 или 23 часот навечер.
На прашањето дали Путин некогаш употребува пцовки, Песков сепак одби да даде конкретен одговор.
„Ќе останете без одговор на тоа прашање. Ќе кажам само дека како секој човек од крв и месо, тој знае да покаже негативен став за некого или за нешто. И тоа се случува така, што крвта ти замрзнува“, открива еден од најблиските соработници на првиот човек на Руската Федерација.
Песков откри дека Путин не сакал улиците да го добиваат неговото име и не сакал величење на „култот на личноста“. Тој формата ја одржувал со пливање и борење, а никогаш не оди никаде без своето обезбедување.
Новинарите ги интересираше дали Путин посетувал часови по реторика.
„Дури и да го правел тоа, мене не ми е познато такво нешто. Неговата вештина најмногу е заснована на искуството. Путин зборува многу. Да не заборавиме дека тој исто така е многу образован. И покрај сето тоа, Путин е човек кој не се срами да праша и да научи нешто ново“.
И за крај, дојде на ред и прашањето за евентуалниот брак, односно дали Путин планира повторно да заплива во брачните води.
„Се сомневам дека Путин сериозно размислува за тоа. Но, едно е сигурно, дали е оженет или не, тоа не влијае на неговото управување со државата“, изјави Песков.