Мина времето за игри, ова е тажен ден за Европа: Цела Европа го следи хаосот во Британија, доаѓаат и првите реакции

Точка

16/01/2019

12:16

5.089

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера изјавил дека Велика Британија ќе биде најголем губитник ако ја напушти Унијата без договор, додека германскиот вицеканцелар Олаф Шолц изјавил дека "ова е тажен ден за Европа".

Двајцата реагирале така откако Долниот дом на британскиот парламент во вторникот навечер го отфрлил предлогот на премиерката Тереза Меј за Брегзит. 

"Прва опција, излегување без договор. Тие велат: "Нема договор". Тоа е страшно за сите. Најголеми губитници во тоа би биле Британците", рекол Макрон пред новинарите на крајот на седумчасовната дебата со локалните службеници.

Тој очекува дека Британците евентуално ќе побараат дополнително време за нови преговори за договорот.

Шолц на Твитер напишал дека ова е тажен ден за Европа.

"Ние сме подготвени", рекол тој и нагласил дека Брегзит е најлоша можност на ЕУ, а пред се за Велика Британија.

Претседателката на Демохристијанската партија, Анегрет Крамп-Каренбауер на Твитер изразила "искрено жалење" поради одлуката на британскиот парламент, со оцена дека "тврд Брегзит е најлоша опција".

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, порачал дека не останало многу време да се пронајде решение за излегување на Британија од Европската унија и дека "минало времето за игри".

Мас за "Deutschlandfunk", откако британските пратеници вчера го отфрлиле договорот на британската премиерка Тереза Меј со ЕУ за Брегзит, рекол дека се потребни нови преговори меѓу Британија и ЕУ.

Тој додал дека се потребни и преговори за одредбата која подразбира отворена граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска.

За можното одложување на датумот за излегување на Британија од ЕУ, Мас рекол дека Унијата тоа прашање "конструктивно ќе го разгледа" ако и биде пратено.

Откако британскиот парламент го отфрлил предлогот на премиерката Тереза Меј за Брегзит, за денес е закажано гласање за недоверба на владата.

Опозицискиот лидер Џереми Корбин повикал на гласање за недоверба. Против планот за Брегзит гласале 432 пратеници, а за договорот 202.



Спонзорирани линкови

Маркетинг