Ќе отпаднат ли бомбите на СЈО поради истрагите за Али Ахмети и Бујар Османи?

Макфакс

11/01/2019

15:08

4.496

Големина на фонт

а а а

Иднината на специјалното јавно обвинителство зависи од волјата на мнозинството, но и на осумте пратеници, кои треба со нивните гласови да овозможат да биде изгласан Законот за јавното обвинителство во Собранието.

Овој закон се однесува и на иднината на специјалното јавно обвинителство. Станува збор за двотретински закон, за чие изгласување, власта треба да обезбеди поддршка од 80 пратеници во законодавниот дом.

Министерката за правда, Рената Дескоска Треневска, на денешниот брифинг со новинарите рече дека има два предлог-закони на ЕНЕР за специјалното јавно обвинителство. Едниот кој го предлага СЈО, а другиот кој го предлага работната група.

Во неформалниот дел од средбата посочи дека има и трет предлог од политички партии за мандатот на СЈО и надлежноста за бомбите за тековните истраги. Меѓу другото, станува збор и за прашањето за надлежноста на бомбите и за прашањето дали прислушуваните материјали може да бидат користени како доказ или индиција во истражните постапки по рокот за поднесување на обвиненијата.

Дел од истрагите за кои СЈО за кои сè уште нема поднесено обвинение се: „Табла“, „Империја“, „Поштенска банка“, „Подарок“, „Пропаганда“, „Дизајн“, „Хармонија“, „Базни станици“, „Пациент“, „Попис“, „Моќник“, „Актор“, „Странски служби“, „Друмарина“, „Продуцент“, „Лидери“, „Тарифа 2“, „Транспортер 2“.

Дел од истрагите на СЈО се за предмети преземени од редовните обвинителства и за нив СЈО може да поднесе обвининие со рок од 18 месеци по преземање на предметот, а останатите истраги ќе зависат од законското решение и волјата на пратениците.

Во дел од тековните истраги на СЈО се вклучени и функционери на ДУИ. Лидерот на партијата, Али Ахмети, е осомничен во истрагата „Попис“, а Бујар Османи во истрагата „Пациент“. Оттука, неизвесно е која форма на закон за статусот на СЈО, ќе ја поддржат пратениците на ДУИ.

Неизвесно е дали пратеничката Елизабета Канческа-Милевска би била сведок или осомничена во некоја од новите истраги на СЈО. За Законот за СЈО треба да се изјаснат и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ од Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија „АВАЗ“ кое бараше да биде ослободен од притвор неправосилно осудениот бизнисмен, Сеад Кочан како и Владанка Авировиќ, чиј син беше неправосилно осуден на затворска казна за случајот „Труст“ на СЈО.

Министерката Дескоска рече дека се водат дебати и се разгледуваат опции околу дефинирањето на надлежноста на специјалното јавно обвинителство за прислушуваните материјали и разграничувањето на нивната надлежност со онаа на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Се разгледува и опција околу тоа дали би можела да се врзе надлежноста на обвинителството, не само за круг на луѓе, туку и за висина на штета и корист, за да има подобро разграничување во оние случаи каде што се вклучени и носители на јавни функции и други лица.

Министерката е децидно против амнестија на кривични дела за отворени истраги. „Оние постапки кои е во фаза на обвинение, за мене нема дилема дека треба да продолжат. Во делот со истрагите, мислам дека е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има амнестирање за кривични дела со изменување на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка, да се направи прецизна одредба која ќе даде можност истрагата за делата кои се направни да продолжи“, рече Дескоска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг