Ернесто Валверде го искористи натпреварот во Копа дел Реј против Леванте за да им даде шанса на играчите кои имаат помала минутажа во последно време, а интересно, еден од нив е и Филипе Кутињо кој го загуби стартното место во постава поради феноменалната форма на Усман Дембеле.
Најскапото засилување во историјата на Барса дефинитивно не ги доживува најдобрите денови како играч на шпанскиот шампион, а дел од новинарите по натпреварот му порачаа на Валверде дека добиле информации кои велат дека бразилската ѕвезда не е задоволна од својата ситуација.
Тренерот на Барса порача дека голот на Кутињо од пенал во 85-та минута значително им ги зголеми шансите во пресрет на реваншот на „Камп Ноу“, но исто така даде одговор и за прашањето кое му го поставија новинарите.
– Кога не играше Дембеле, сите ме прашуваа за него. Сега се соочувам со исто, со тоа што станува збор за друг играч. Кога играчите не се задоволни од својата ситуација, треба само напорно да работат и да се сконцентрираат за да ја променат истата. Ако тој не е задоволен, треба да се бори за да направи пресврт во својата ситуација. Станува збор за играчи кои добиваат шанса скоро секој меч. Кутињо ни даде многу, ни дава многу и ќе ни даде многу во иднина. Истото важи и за Дембеле. Тие ги даваат одговорите со своите игри на теренот, – порача Валверде по поразот од 2:1.