Бордање, скијање, поло на мраз, срни наоколу и една мечка. Ова е накратко, а повеќе за едно од најпрекрасните планински места во Швајцарија дознавате од актерката Јана Стојановска. Па, подгответе ги скиите, сноубордот, па може и санка, не е важно дали сте млади или повозрасни, треба само да сте зависници од адреналин и право во еден од најпознатите скијачки центри, каде ќе ве дочекаат со чоколади и куферите ќе ви ги отпакуваат.
- Тоа е едно прекрасно планинско место во Швајцарија кое е најпознато по тоа што има езеро кое во зима сосема замрзнува. И тоа не е толку интересно колку идејата да се воведе играта поло на мраз. Мислам дека тоа е единственото место каде освен убавините на природата и ски-терените може да се гледаат турнири на „Поло“ на мраз.
- Имав прилика да бидам сместена во хотелот „Бедратс палас“. Еден од постарите и можеби најлуксузниот од сите хотели таму. Тоа е хотел со традиција и со приказна која датира од 1896 –та година. Типичен пречек е со селекција од најдобрите швајцарски чоколади и во услугите спаѓа „отпакување“ на вашите куфери. Наутро за време на појадок има харфист кој свири во живо. На 5 минути пред хотелот доаѓа организиран шатл кој те вози до ски терените.
- Не би можела да направам разлика со други ски- центри затоа што сум летен човек и не сум била по многу зимски дестинации. Не сум скијач и отворено сум љубоморна на сите поединци што го владеат тој спорт. Исто како што сум љубоморна на луѓе кои се добри во математика и компјутери.
- Посетители има од сите возрасти и професии. Од 3 до 100 години. Воодушевувачки и истовремено фрустрирачки за мене е тоа кога ќе видиш мали деца кои едвај одат, а те поминуваат и како мали пајчиња во вода спретно се пуштаат по белата планина со огромна брзина. Истото и со многу возрасни, да не речам стари луѓе кои исто така одвај одат, ќе те прелетаат оставајќите во облак позади себе. Радости и шаренило наоколу од луѓе кои дошле за забава, храна и добро вино до професионални спортисти. Да наполниш очи за цел живот.
- Имајќи ги во главата сите фрустрации врзани за „ски“ решив дека ќе пробам барем да научам да „бордам“. И ок, добра сум... Во смисла на тоа научив да не паѓам. За две недели успеав да ги поминувам и црвените патеки без да викам на глас и без посериозни повреди. Јавање коњи за жал немаше, а можеби и за среќа, да имаше воопшто немаше да се бавам со скијање или бордање или било што слично.
- Незаборавна ми е една приказна што ја раскажа тренерот што ме учеше да бордам. Кога се оди нагоре по планината од жичарата се гледа целата природа, се појавуваат и срни. Во моментот кога се појави срната, тренерот само се насмеа и рече, па да , имаме и мечка. Јас реков „една“? Тој одговори„да“, имавме две ама не беше пријателски настроена кон туристите па ја дислоцираа. Ми беше лудо дека знаат дека имаат точно една мечка.
- Задолжително да се проба нивното топено сирење, раклет.