Ружин: Касами и Села не се важни фактори за уставните промени, САД и Брисел ќе прекршат

Макфакс

08/01/2019

16:43

1.106

Големина на фонт

а а а

Не може низ призмата на еден или друг политичар да ја врзуваме судбината на државата, тоа и ним им е јасно. Касами и Села не се најважни фактори во оваа ситуација, има позначајни влогови од нивните барања, тоа се Брисел и САД, вели Нано Ружин за „Макфакс“ по повод барањата на лидерите на Беса и „Алијансата за Албанците“ за воведување двојазничност на целата територија на Република Македонија и бришење на зборот „македонско“ од државјанството на граѓаните, а сѐ со цел да дадат поддршка за уставните измени што се ставени на утрешниот дневен ред во Собранието.

„Тоа се прашања за дневна политика. Она што сакаат да го направат Касами и Села е со воздушна пушка да срушат авион. Целта е да соберат што поголем број избирачи. Секогаш малите партии во слични ситуации се обидуваат да ќарат некој глас повеќе. Поголеми влогови се позициите на ЕУ и САД, кои се доста важни за албанските политички партии. Како фактори тие се оние што ќе ги прекршат сите овие дилеми. Очекувам позитивно разрешување, односно прифаќање на уставните амандмани, кои се условени со договорот од Преспа“, вели Ружин. Тој додава дека барањата на двајцата политичари се нешто што произлегува во последен момент и се резултат на пресметки во нивните политички средини, желби и влогови.

На барањата на Села и Касами имаше и негативна реакција од осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои по изгласувањето за потребата од уставни промени, дејствуваат во самостојна пратеничка група. Според универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, за осумте пратеници најважно е да се направи она што се бара од страна на Брисел и Вашингтон, а тоа е, како што вели, успешна имплементација на договорот од Преспа.

Во однос на позициите на опозициските партии во Грција и Македонија, Ружин вели дека грчката Неа демократија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, потајно сака преспанскиот договор да успее бидејќи има амбиции да дојде на власт, каде што нема да наиде на дополнителен товар – проблемот со името.

„Во Грција, Неа демократија, која е десница, настојува да покаже дека не го прифаќа договорот исто како што е случајот со ВМРО-ДПМНЕ. Но, од друга страна, таа се моли договорот да помине во грчкиот парламент бидејќи се надева дека ќе дојде на власт и кога ќе се случи тоа, сака да наследи што помалку тешки проблеми. И двете партии нема што да понудат. Ќе направат одлагање бидејќи ставовите на грчката опозицијата се такви што со ВМРО-ДПМНЕ никогаш не би се договориле“, вели Ружин.



Спонзорирани линкови

Маркетинг