Поделени мислењата за ММР вакцината: Медицината вели дека не предизвикува аутизам, сведоштва од родители во Србија го тврдат спротивното

Точка

09/01/2019

13:09

12.233

Големина на фонт

а а а

Во текот на 2015 година, 134.200 лица во светот починале од морбили, 367 лица во просек умираат секој ден, односно 15 на секој час.

Доколку едно невакцинирано дете заболи од мали сипаници, тоа може да го изгуби слухот и да добие воспаление на белите дробови или на мозокот кое би било фатално по живот. 

Ова се само дел од фактите за болеста која периодов ја разбранува јавноста во Македонија, кои би требало да ги знае секој родител кој одбива да го вакцинира своето дете. Долгогодишната негативна кампања против овие вакцини довела до тоа родителите да се сомневаат во нивните позитивни ефекти, а како резултат на сето тоа се епидемиите кои молскавично се шират во многу европски земји.


Со одбивање на вакцинирањето се нарушува колективниот имунитет

Со одбивање на вакцинирањето се нарушува колективниот имунитет, кој се постигнува кога најмалку 95 отсто од населението е вакцинирано. Родителите кои одбиваат да го вакцинираат своето дете, не само што го доведуваат неговото здравје во ризик, туку го загрозуваат и здравјето на другите деца со кои тоа се дружи. Со оглед на тоа што епидемиите најчесто ја зафаќаат детската возраст, токму вакцинираните деца се оние кои го создаваат колективниот имунитет и на тој начин ги штитат и своите родители, баби и дедовци кои или не се вакцинирани или примиле само една доза на вакцина која не ги штити во целост, што е случај со сите родени пред 1993 година.

Вакцината има несакани последици, но аутизмот не е една од нив

Секој лек, па дури и вакцината има несакани последици. Со тоа и ММР вакцината може да доведе до две групи на несакани ефекти: првите се стандардни, кои подразбираат оток и црвенило на местото каде детето е вакцинирано, како и блага температура првите ден-два од вакцинирањето. Другите ефекти настапуваат една до две недели по вакцината меѓу кои спаѓаат и покачена температура, црвенило на кожата а понекогаш и зголемување на лимфните јазли на вратот. Меѓутоа, овие ефекти се минливи.

Како настанала заблудата за аутизмот?

ММР вакцината ја бие лош глас поради наводна поврзаност со појава на аутизам. Сѐ започнало во февруари 1998 година кога Ендрју Вејкфилд, абдоминален хирург, заедно со соработници објавил напис во списанието “Лансет” за тоа дека вакцината предизвикува аутизам. Написот го пренеле многу медиуми и со тоа започнало ширењето на страв помеѓу луѓето.


Врз основа на тоа, многу автори подоцна пробувале да ја потврдат корелацијата помеѓу морбили и аутизам, но не успеале. Покрај тоа, новинар на “Сандеј Тајмс” во 2004 година открил дека “Лансет” не ги проверил сите наводи во написот пред да биде објавен, но и дека Вејкфилд имал финансиска добивка од своето тврдење. Епилогот на целата приказна е дека списанието во целост се оградило од написот на докторот, кој подоцна бил избркан од Лекарската комора на Англија.

Во Македонија имало висок опфат на вакцинирани деца сè до појавата на антивакцинални кампањи што пропагираат дека вакцините се штетни и предизвикуваат цела низа опасни и смртоносни болести, а најчеста тема на разговор во последниот период е поврзаноста на вакцините со аутизмот.

Епидемијата на мали сипаници во Скопје го вклучи алармот. Надлежните предупредуваат дека родителите може да бидат кривично гонети ако продолжат да одбиваат вакцинации за нивните деца. Министерот Филипче објаснува дека согласно правилникот за имунизација, кога не постои епидемија родителите имаат обврска да ги вакцинираат децата и таа потврда да ја донесат при упис во градинка. Доколку не го направиле тоа, им се заканува казна која се движи помеѓу 350 и 650 евра.

“Што и да се случи, вие ќе бидете сами”: Страшни сведоштва на родители од Србија

Стравот помеѓу родителите сѐ уште постои, не само кај нас, туку и во земјите на Балканот. Дел од нив тврдат дека токму оваа вакцина предизвикала аутизам кај нивните деца.

Сара Попчетовиќ која била гостинка во серијал на “ТВ Коперникус” тврди дека токму оваа вакцина предизвикала парализа на центарот за фина моторика кај нејзиниот син, која подоцна прераснала во аутизам.

Јелена Додер е уште една мајка на дете кое заболело од аутизам по вакцинацијата. Во излагањето таа зборува за наглото влошување на состојбата на нејзиното дете кое подоцна оставило трајни последици по неговото здравје. Докторите пробувале да ја најдат причината во сите други работи освен во вакцината, а некои дури и велеле дека таа е параноична. По снимката на главата каде е утврдено оштетување на мозочното ткиво во пределот на центарот за говор, повеќе неврохирурзи потврдиле дека оштетувањето е стекнато, а не вродено.

Додер го заклучила говорот со следните зборови:

“Морате да бидете свесни дека доколку подлегнете под притисоците и го вакцинирате своето дете, сами ќе ги сносите тие последици. Никој, ама апсолутно никој нема да ви помогне. Што и да се случи, вие ќе бидете сами”.

Извори:
Википедија, National Center for Biotechnology Information, “Блиц”



Спонзорирани линкови

Маркетинг