Д-р Ангелчо Андоновски: Вакцинирањето е прашање на свесност

Точка

04/01/2019

12:42

5.479

Големина на фонт

а а а

Прогласувањето на епидемија на морбили, забраната за невакцинираните деца да бидат примени во градинките и појавата на морбили кај вакцинирани деца се сосема доволни причини тимот на Точка да поразговара со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Детската болница Козле.

„После 10 годишната голгота и анатема врз целиот наш здравствен систем, а и лош импакт врз најригорозниот сегмент имунизацискиот процес, ние сега веќе се соочуваме со проблематиката, но и сплотено и заеднички ќе ја решиме. Битно е да целиот систем, а и нашиот народ биде вклучен во решавање на овој голем проблем“.

Како ја објаснувате појавата дека и вакцинирани деца имаат морбили?

- Нема докази дека вакцините се штетни но, има безброј докази дека со сигурност ќе се разболите доколку не се вакцинирате. Дури и вакцинираното дете може да пројави појава на сипаници поради контакт со веќе контагиозно друго дете но, со една огромна разлика имунолошката реакција и манифестацијата на истата ќе биде многу блага дури и неприметлива во споредба со сите оние други опасни состојби кои се јавуваат кај невакцинираното дете.

Откако има прогласена епидемија, нели е предоцна за вакцинација?

- Вакцинирањето мора итно и неодложно да се случува кај нас не само поради прогласената епидемија, туку и поради иднината да никогаш повеќе не се случува ова кај нас. Никогаш не е доцна децата да бидат вакцинирани впрочем тоа е и задачата на едно одговорно модерно општество.

Треба ли да биде задолжително вакцинирањето?

- Законот е дециден дека вакцинацијата е задолжителна но, и нашата свест како одговорни родители треба веќе да биде крената на високо ниво.

Колку посто се вакцинирани децата во Македонија?

- Наведов дека имавме децениски проблем и процентот на вакцинирањето е доста снижен зависно од типот на вакцината.

Каков е трендот во европски рамки кога е во прашање вакцинирањето?

- Трендот на вакцинирање во сите модерни европски и светски држави е висок не само поради законските нормативи, туку и поради високо развиената народна свест и одговорност во својата средина. Државата , министерството за здравство, комитетот за имунизација и сите релевантни институции се заземаа со овој есенцијален проблем да биде решен и за во иднина. Најмодерните вакцини ги имаме и советите на сите нас професионалците стојат на располагање за целата наша нација. Место за паника нема, туку одлучни и сигурни чекори кои ќе не вбројат во редот на модерните општества.

(А.В. за Точка)



Спонзорирани линкови

Маркетинг