Првиот голем настан во 2019 година: Кинезите слетаа на темната страна на Месечината

Точка

03/01/2019

09:24

5.735

Големина на фонт

а а а

Кинескиот модул за проучување на темната страна на Месечината, “Chang’e-4” успешно слетал, што претставува прва ваква мисија во историјата која е огромен чекор во истражување на вселената, соопштува Централната кинеска телевизија.

“На 3-ти јануари во 10:26 часот по кинеско време (03:26 по средноевропско), вселенскиот брод “Chang’e-4” успешно слета на темната страна на Месечината”, соопштила телевизијата. 

“Chang’e-4” е вселенски модул кој се состои од стационарна лунарна станица и лунарен ровер. Тој беше успешно лансиран на 7-ми декември од космодромот “Сичан” во југозападната кинеска провинција Сичуан.

Кинеската лунарна мисија е наречена по митската божица на Месечината и вклучува три фази: орбитирање, слетување и враќање на Земјата. Првата и втората фаза веќе се успешно изведени.

Темната страна на Месечината не е видлива од Земјата. Со оглед дека месечевиот период на ротација околу Земјата и ротацијата околу сопствената оска е еднаква, во секој момент може да се набљудува само една Месечева хемисфера. Првата фотографија од темната страна на Месечината е снимена на 7-ми октомври 1959 година од страна на советската станица “Луна 3”, но до денес ниту еден вселенски брод од Земјата не слетал на неа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг