Танцов клуб каде лицата со Даунов синдром ги разбиваат предрасудите, етикетите и дискриминацијата

Точка

25/12/2018

18:00

3.262

Големина на фонт

а а а

Сара Кочан заедно со својот сопруг, Нермин Кочан се сопственици на танцовиот клуб, „Dancers United MK“. Иако во Скопје има премногу танцувачки клубови, сепак „Dancers United MK“ се издвојува поради својата единствена танцувачка група, со лица со Даунов синдром.

За таа цел решивме да поразговараме со Сара, која директно е вклучена во танцот со овие лица.

Таа објаснува како е да се работи со нив, колку се тие поразлични во однос на другите и што е она што најмногу ја мотивира да работи со нив. А, тоа што можеби најмногу ќе ви го привлече вниманието е случката која таа ја имала на еден од часовите.

Сара, за почеток може ли да ни кажеш како дојде до идеја да создадеш танцувачка група на лица со Даунов синдром?


Идејата позади Данцерс Унитед е многу повеќе од само школо за танцување. Нашата визија беше да основаме школо каде сите сме еднакви и вратите ќе бидат отворени за сите кои го сакаат танцот без разлика од каде доаѓаат и на која општевствена група припаѓаат.

Големата слика е и социјално загрозените групи да бидат дел на Данцерс Унитед, а оттаму и името. Можам да кажам дека сега од кога го прославивме нашиот 5-ти јубилеј, горда сум што успеавме нашата визија да стане реалност.

Кои се проблемите со кои се соочуваше при реализација на овој фантастичен проект?


Како што со секоја група почетоците се тешки, така и со групата на лица со Даун Синдром. Најголемиот проблем беше што ние немавме од кого да учиме туку самите се трудевме да најдеме начин кој ќе функционира со оваа група.

Во моментот кога престанавме да бараме различен и посебен начин и методи на предавање тогаш овие танчери почнаа да одат во нагорна линија и да ги покажуваат нивните вештини. Најголемата грешка е посебниот третман и недоволно високите очекувања. Сега нашите танчери со нептипичен развој секојдневно ги соочуваме со сè поголеми предизвици, а тие совршено одговараат на нив.

Дали може да им откриеме на читателите на Точка колку време веќе постои оваа група и кои сè успеси ги постигнала досега?

Групата танчари со Даун синдром постои од самото основање на клубот во 2013-та година и истата има низа успеси позади себе. Настапи на многу фестивали и манифестации, гостувања на емисии, работилници и кампови...


Истите се и државни прваци во повеќе категории во изминатите 4 години, односно на Светско ниво, на свестското првенство во хип хоп во 2016-та година во Грац групата беше 6-то место, во 2017-та година групата се здоби со бронзен медал во Копенхаген, 2018-та во мај во Џенова на Европското првенство се закитија со титулите европски шампиони, а во октомври во Полска го освоија првото место на светското првенство и се здобија со титулата светски шампиони.

Оваа група не застанува тука, тие се подготвуваат за настап на манифестацијата организирана од Агенција за Млади и спорт „Спортист на годината“ која се случува при крајот на годинава како и за Светско првнество во Италија во мај 2019-та.

Што е она што најмногу ве мотивира да работите со овие лица, дали има помалку или повеќе тешки задачи кои се очекуваат од вас како инструктори на една ваква несекојдневна група на танчери?

Во минатите 5 години дечките имаа повеќе инструктори... Првите часови ги започнавме со Ванчо Ангелески, а потоа неколку години работеа само со мене, па додека јас бев бремена, првиот пат часови им држеше Арта Ќаили која е и кореограф на соло точката на Моника (една од танчерките која освои сребро во Џенова на европското првенство) и истотака имаа инклузивна заедничка танго кореографија со Оливер Блажевски.

Кога одлучивме да се натпреваруваат во хип хоп во септември 2016-та година, ја ангажиравме нашата хип хоп инструкторка Виолета Балшевска која работеше со нив во текот на овие првенства. Тука постојано е и Нермин Кочан, мојот сопруг, кој работи со нив на одредени кореографии. Во текот на годините многупати со нив има работено и Антоанета Кимовска исто наша инструкторка и уште многу други.


Дечките се професионалци во секоја смисла и играат повеќе стилови така што, не би рекла дека имам некои тешки задачи туку сосема спротивно, со нив е задоволство да се работи и секој од нас кој што имал прилика да им држи часови и да ги научи нешто е многу среќен човек.

На што си најмногу горда?

Би лажела кога би рекла дека не сум горда на нивните медалји и пехари, но тоа на што највеќе сум горда е инклузијата која ја направивме со нив и прифатеноста од сите наши членови. Токму поради оваа група успеавме во нашиот сон, а тоа е да создадеме танцова школа каде сите сме еднакви.

Кои се следните натпревари за кои се подготвувате?

Како што веќе напоменав, следен предизвик ни е задржување на европската и светската титула во мај во Италија и во октомви во Германија во 2019-та година.


За крај, дали можеш да ни издвоиш случка од некој час во вашиот клуб, која засекогаш ќе ти остане во сеќавање?

Ќе раскажам една сосема нова случка која ме остави без зборови. Имаме ново 15 годишно девојче со даун синдром кое го вклучивме во детската група 10 – 11 годишни девојчиња со типичен развој и одлично се вклопи дури и играше со нив на нашиот Хуманитарен Инклузивен Танцов концерт на 17-ти декември. Последниот час таа не беше присутна и ние разговаравме со групата кој сè ќе игра на следниот натпревар и децата ме прашаа: „А, Илина? “ и јас им велам „Не, Илина има 15 години и е друга возрасна категорија и таа би требало да игра во прва категорија“. Децата беа збунети и зачудени како тоа нивната другарка нема да игра со нив и одговорија многу збунето на моето очекување дека тие разбираат дека Илина е поинаква од нив.


Поентата ми е дека децата се наше олицетворение, ако ние им ја всадиме идејата дека некој што е различен не е еднаков тогаш тие така и ќе постапуваат.

Останува на нас возрасните да поставуваме примери за помалите и да направиме едно поодговорно и повклучувачко општество каде нашите деца ќе бидат еднакви и ќе сфатат дека токму различностите нè прават тоа што сме и тоа е и убавото во нас.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг