Панчо: Не сме ние виновни што Поп сцената е далеку подолу од Турбофолкот!

Точка

21/12/2018

00:16

4.938

Големина на фонт

а а а

Владимир Блажев - Панчо, е дел од дуото ДНК, кое на нашите простори е едно од најпопуларните и најуспешните. Покрај многуте успешни настапи и концерти со ДНК, Панчо исто така е многу познат и баран диџеј. Тој за Точка искрено ги кажа своите ставови кон музиката, залагањето за отстранување на турбофолк манијата и откажувањето од истото, но и за тоа што треба наредно да го очекуваме од ДНК.

Панчо, ако пред 17 години некој ти кажеше дека денес ќе бидеш ова што си сега – ќе мислеше дека те лаже, дека има бујна фантазија, ќе му се смееше или пак ќе се сложеше со него?

Пред сè, поздрав до вас, вашиот портал и вашите читатели.

Па, за некоја недела ќе влеземе во 2019-та и со самото тоа влегувам во 17 години кариера со мојот бенд ДНК, и 15 години како диџеј. Искрено во раните тинејџерски години спортот и посветеноста кон него ми беше буквално сè. Си велев ако не успеам во спортот за мене друго ништо не постои што може да ме прави среќен и исполнет.


Кој и да ми кажуваше дека еден ден професионално ќе се занимавам со музика, и дека од неа ќе ми зависи егзистенцијално прашање - ќе му се смеев. Потенцијал имав отсекогаш, со оглед на тоа што на часови во средно и основно смислував смешни текстови на веќе познати мелодиски линии, па заедно со другарите од клас се шегувавме на сметка на некои од класот.

Да не бидам погрешно сфатен, јас воопшто не се замислувам дека сум некој и нешто, туку едноставно се занимавам со јавна професија која секогаш е изложена на електронски и печатени медиуми, па сосема нормално е да ме препознаваат по улица што некогаш ми годи, но како стареам многу почесто не.


Исто така сум му преблагодарен на Бога што ми го покажа патот да ја работам работата која ја сакам и тотално ме исполнува, така што, не чувствувам дека сум работел ниту еден ден во животот.

Како успешен лик од македонската сцена, кои се според тебе факторите што се пресудни за успехот и популарноста на еден пејач, бенд или диџеј?

Упорност, мнооооогу упорност, самодоверба, позитивна мисла и РАБОТА.

Паѓањето и неуспесите никогаш не треба да те плашат, обесхрабруваат и демотивираат. Напротив, ако не паднеш никогаш не можеш да го вкусиш плодот. Едноставно, тоа е дел од животот и постои во секоја сфера на било кој бизнис. Некогаш американците велат „Hustle beat the talent” или во превод „Работата го победува талентот“ и јас апсолутно се сложувам со нив.


Исто така еден од факторите е да си добар човек, да помагаш на сите оние кои го започнуваат овој трнлив пат, да си секогаш насмеан и комуникативен со твоите фанови и на крај треба НИКОГАШ, ама НИКОГАШ да не заборавиш од кај си дошол.

Познат си како голем поборник за заштитата на домашната сцена од турбо фолк влијанијата кои ја напаѓаат од сите страни. Кога би ти дале одврзани раце да се бориш со сите расположливи средства против тоа – која би била твојата стратегија?

Факт, бев, но за жал веќе не сум, бидејќи една риба да се бори против милион ајкули шансата да победи е НУЛА. Иако го знаев тоа, од сам старт пробав и не ми е жал за тоа, иако можеби изгубив и фанови, но барем секогаш сум искрен и со мене знаеш на што си. :)

За чудо повеќе не се замарам на таа тема, а воедно сфатив дека за секој тип на музика си има и публика. Не сме ние виновни што ПОП сцената е далеку подолу од ТУРБОФОЛКОТ. Таа сцена вложува многу и е наменски направена за огромна маса на луѓе кои во денешно време со оглед на економската ситуација во нашата држава која трае веќе години наназад сигурно не им важно да се замараат на тема каква музика треба да се слуша.


Стратешки би сменил многу нешта, но не да биде режим и да се бојкотира, туку полека би внел реципротитет на сите телевизии, радија и општински настапи. Едукација во основно училиште за вредностите на музиката и повеќе ИЗДРЖАНИ музички интервјуа од вистински новинари, музички емиси итн.

Едноставно и јавно кажувам дека од пред некоја година веќе не се борам против турбофолкот, само ги почитувам тие што долго време работат и се успешни. Штом се толку време присутни сигурно има ЗОШТО.

Каква е според тебе моменталната состојба на македонската сцена и дали таа по правило секогаш зависи од општата ситуација во земјава?

Никогаш не сакам да зборувам за другите колеги и во последно време сум фокусиран само на ДНК и нашите идни проекти. Сфатив дека колку и да сакаш да помагаш, да бидеш колегијален и добар кон сите нив, секогаш на крај испаѓаш виновен, па затоа си реков дека е ДОСТА. Не одмагам никому, но не ни помагам. Тука сум во секое време ако им требам, но самоиницијативно НЕ. Ми пречи лицемерието и себичноста кај 80% од колегите, кои, како да се плашат дека ќе им го земеш местото, настапот, спонзорот, а не можат да сфатат дека твојата среќа и талент никој не може да ти го земе, ниту пак некој може да те замени.


Нашата, за жал бедна „естрада” (секоја чест на мал број исклучоци) ќе е на последно место се додека ги има тие задкулисни игри, ставање сопки и заривање ножеви. Јас немам потреба да коментирам, тоа се гледа од авион. Еве вие набројте ми во моментов 3 артисти кои настапуваат со БЕНД пејат ИСКЛУЧИВО македонска авторска музика и полнат концертни сали и клубови низ републикава, а тоа да не се: Нокаут, Каролина, Игор Џамбазов, Владо Јаневски, Суперхикс и ДНК?

Длабоко верувам дека нешто ќе се промени, а додека е вака, никој не ни е крив освен ние самите и таму треба да се бара грешката.

Ситуацијата во државата ни е таква во последни 6-7 години и нема потреба да се вадиме на неа. Пак ќе кажам САМИ СМЕ СИ ВИНОВНИ.

Дали треба наскоро да очекуваме нова песна?

Секако. И песна и спот. За првпат во кариерата одлучивме да промовираме нов сингл со видео запис кој го снимавме во Чикаго, САД на БАДНИК - 06.01.2019-та на нашата официјална ДНК ФБ страна и јутуб канал точно во 19:30 часот.


Песната се вика „Кога би знаела сè” и стандарно е заедничко дело на Лазар Цветкоски и мое. Едвај чекаме да ја пуштиме за да ги видиме реакциите на нашите фанови и публиката.

Како ДНК сте запаметени по огромниот број хитови, но и по неверојатно успешните и ултра посетени концерти низ земјава. Кој стои зад тоа, дали имате тим кој се грижи за сè или „сам си ја бркаш работата“?


Тимот е Панчо, Андреј и Лазар Цветкоски коj е незаменлив кога станува збор за музичкиот дел, впрочем и песните кажуваат сè, нели? Како ПР веќе подолго време соработуваме со Александра Тимковска од која сме премногу задоволни. Таа е веќе реномирана и докажана во таа област, а организацискиот дел 17 години е препуштен на еден лик кој се вика Владимир Блажев и за среќа досега немало поплаки од горенаведените „ГАЗДИ” околу неговите залагања за бендот. Кога нема да сме задоволни од него ќе го смениме и побараме подобра. :)

Публиката секогаш ја интересира што се случува во „Бекстејџ“. Дали и таму е сè во ред како на сцената?

Генерално секогаш е Ок, освен ако на некој не му е денот, па имаме разбирање за тоа.


Со бенд настапуваме повеќе од 7 години и со мали промени во составот функционираме феноменално (пу пу да не се урочам). Бекстејџот повеќе користи за да се подготвиш и сконцентрираш пред самиот настап, да се договорите за мали финеси со бендот и едноставно да бидеш одвоен од публиката која со нетрпение те чека да се појавиш на сцена.

Верувам дека постојат настапи кои засекогаш ќе ти останат во најубави сеќавања. Дали постојат и такви кои би сакал да ги заборавиш најбрзо што можеш?

Да бидам искрен, а да незвучам нескромно и да не се урочам, во последните 7 години од кога настапуваме со бенд, не се случило да имаме лош настап или да биде празно фала му на бога и фала до публиката која стандардно нè поддржува низ сиве овие години.


Ако веќе треба да избирам, тоа ќе го кажам за пред 3 лета во еден летен клуб каде што тонската проба ни траеше цела вечност и заглавивме речиси до пред гостите да почнат да доаѓаат, за на крај да свириме без монитори и да се измалтретираме како никогаш досега. Се случува но фала му на бога сме уиграни па се снајдовме некако иако беше многу непријатно. :)

Покрај настапите со ДНК, познат си и по своите соло диџејски настапи секаде низ земјава. Дали имаш готови сетови независно од типот на настапот или програмата ја креираш на лице место, во склоп со природата на самата манифестација каде настапуваш?

Кога свирам како диџеј ми е посебен филинг и нема никакви допирни точки со ДНК, но затоа и ми е предизвик и го сакам исто толку колку што ми значи и го сакам ДНК.


Во 2019-та правам мини јубилеј од 15 години и нормално прикладно ќе го одбележиме. Кога станува збор за подготвени сетови, тоа не се случило нит пак мислам дека треба да е така за било кој диџеј. Секој диџеј знае каде свири и за каков тип на публика или клуб. Генерално ако не сум сигурен, знам да седнам дома и да изберам песни кои се прикладни за таа забава, но не да ги редам по редослед бидејќи тоа едноставно е неизводливо и тоа значи дека не си добар диџеј и не веруваш во себе и својот инстинкт.


Јас генерално свирам ХипХоп, РнБ, и трап кој во последните години е доста актуелен и знам да одсвирам т.н. „mash up” сет каде што знам да вметнам доста фанк, диско, Македонски евергрини, Рок и музика од екс Ју просторите од типот на: Дино Дворник, Оливер Мадиќ, Казалиште, ЕКВ...

Секогаш ми било најважно публиката да е задоволна, но секако и многу нормално е да не можеш да им угодиш на сите, но ако повеќе од 80% луѓето се забавуваат и ти доаѓаат на следен твој настап значи дека тоа што го правиш - го правиш исправно. Им препорачувам на младите диџеи кои допрва доаѓаат, никогаш да не спремаат сет листи за настап, нека остават да ги води сопствената интуиција. Да бидат свои и да не копираат никого, бидејќи само така може да изградат име и бренд на сцената.

Што ќе им посакаш во новата година на своите обожаватели, пријатели и непријатели?

Само ЗДРАВЈЕ, бидејки само ЗДРАВ човек може да биде среќен и така може да биде позитивно продуктивен за општеството, семејството и своите најблиски. Би им препорачал помалку да се занимаваат со политиката, која кај нас е КАНЦЕРОГЕНА, а повеќе со музика!

Да се шири позитивна енергија и да се посветат повеќе на хуманитарна работа.


Македонија е парче земја која може да биде РАЈ на земјината топка. Да престанат да се завидни, љубоморни и лицемерни и да гледаат само позитивно. Животот е убав, не дозволувајте да ви го диктира некој друг! :)

Среќна Нова и да се гледаме на настапи, и дај боже цела 2019-та да ни е само смеа и песна. Живели!

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг