Бомбашки напад во Грција: Голема експлозија одекна во Атина!

Точка

17/12/2018

15:56

2.026

Големина на фонт

а а а

Експлозивна направа била детонирана во близина на зградата на грчката “SKAI” телевизија во Атина, при што била предизвикана голема материјална штета – за среќа нема жртви.

“SKAI” е една од најголемите грчки телевизии и дел од медиумска група која што вклучува и радио станица, а соработува и со познатиот грчки дневен весник „Катимерини“.

Од атинската полиција соопштија дека станува збор за експлозивна направа од домашна изработка која што била детонирана утринава во 02:35 часот по локално време, непосредно откако во телевизијата пристигнало и предупредување. На својата интернет страница, од “SKAI” објавија дека биле уништени прозорците од првиот до шестиот кат.


„Материјалната штета е голема на речиси секој кат. Најголема е на третиот и четвртиот кат каде што се наоѓаат канцелариите на вработените. Сликата е тажна“, соопштија од “SKAI”.

Нападите на институциите, компаниите, полицијата и политичарите не се невообичаена појава во Грција, држава која што има долга историја на политичко насилство. Грчката министерка за цивилна заштита, Олга Геровасили изјави дека ова било напад на демократијата.


„Демократијата, меѓутоа е заштитена и секако, не е загрозена“, порача грчката министерка.

Според новинар на “SKAI”, се проценува дека експлозивната направа содржела пет килограми експлозивни материјали и истата била поставена во тесна улица во близина на зградата на телевизијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг