Сексуалните работници бараат декриминализација на нивната работа

Макфакс

17/12/2018

15:41

5.483

Големина на фонт

а а а

Сите знаат каде можат да купат љубов, но молчат иако тоа е основно човеково право, велат сексуaлните работнички кои денеска излегоа на протестен марш.

Веќе 10 години на овој датум тие го изразуваат својот револт и бараат нивната работа да биде декриминализирана и да добијат заштита од системот. Според нив, најстариот занает на светот му помога на системот со самиот факт што многу лица што се фрустрирани за да остварат сексуален контакт, како што се лицата со попреченост, имаат право истата да ја купат кај сексуaлните работнички.

„Повторно апелираме до надлежните во државата да најдат начин да ја декриминализираат нашата работа. Со тоа ние ќе добиеме право на социјална и здравствена заштита. Често сме изложени на различен вид насилство, а не добиваме никаква заштита. Kолку пати се случило нашите клиенти да не ни платат, да нè повредат физички, да нè остават со возилата голи на пат, и затоа бараме нашата работа да биде дел од системот за да ги оствариме нашите основни човекови права“, велат сексуалните работнички.

На протестниот марш традиционално тие носеа црвени чадори, а прошетката ја почнаа од споменикот на „Мајка Тереза“ на улицата Македонија, преку Камениот мост.

Организатор на настанот е здружението „Стар“, а тие беа поддржани и од претстваници на здруженијата на граѓани што се залагаат за човековите права. Директорот на „Стар“, Борче Божинов, изнесе повеќе податоци кои укажуваат на големиот процент на насилство што го трпат сексуалните работници.

„Многу земји најдоа модел како да го намалат ризикот на насилство што го трпат сексуалните работници. Во нашата земја и натаму кон овој проблем инстутуциите се глуви и не сакаат да ги слушнат барањата. Ако се намали ризикот од насилство кон сексуалните работници, ќе се намали и криминалното однесување во целост“, рече Божинов.

Нивната прошетка беше проследена со љубопитни погледи на случајните минувачи и со зајадливи коментари кон разголените сексуални работнички.



Спонзорирани линкови

Маркетинг