Основачот на "Vine" и апликацијата "HQ Trivia" пронајден мртов

Точка

17/12/2018

16:38

1.353

Големина на фонт

а а а

Соосновачот на популарната апликација "HQ Trivia", 34-годишниот Колин Крол, е пронајден мртов во својот стан во Њујорк, јавува "BBC".

Девојката на извршниот директор на HQ Trivia и соосновач на видео платоформата "Vine" ја замолила полицијата да провери дали е Крол добро, бидејќи веќе некое време не можела да дојде до него. 

"HQ Trivia" е мобилна апликација за играње на квизови во живо каде играчите можат за точно одговорени прашања да добијат вистински пари. Станала една од најпопуларните игри, која во 2017-та година ја играле и околу 400.000 играчи истовремено. Со време популарноста на играта опаднала и во 2018-та повеќе не била ни меѓу 100-те најбарани игри на сервисот "App Store".

Полицијата го пронашла безживотното тело на Колин Крол во неговиот стан во Менхетн. Покрај телото пронашла опојни средства и верува дека извршниот директор на "Trivia" починал поради предозирање со дрога, јавува "TMZ".

"Денес дознавме за смртта на нашиот драг пријател и соосновач Колин Крол. Со длабоко жалење се поздравуваме со него и му изразуваме сочувство на неговото семејство и пријателите", напишале од компанијата во изјавата.

Со него на Твитер се збогувал и неговиот пријател и деловен соработник Рус Јусупов, исто така еден од основачите на "HQ Trivia".

"Тешко ја примив веста за смртта на мојот пријател и деловен соработник Колин Крол. Моите молитви одат за неговото семејство и сите кои го сакаа. Засекогаш ќе го памтам поради неговото големо срце и добрата душа. Го направи светот и интернетот поубаво место за живот. Почивај во мир".




Спонзорирани линкови

Маркетинг