Северна Кореја го осуди Вашингтон поради последните наметнати санкции, предупредувајќи дека политиката би можела засекогаш да го блокира патот до денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, пренесува „Франс прес“.
Предупредувањето доаѓа откако САД објавија дека ќе наметнат санкции за тројца високи претставници на Северна Кореја поради злоупотреба на човековите права. Меѓу санкционираните лица е и Чо Рионг-хе, кого го сметаат за десна рака на лидерот Ким Јонг-ун.
Официјалната корејска новинска агенција КЦНА го пофали претседателот Доналд Трамп за неговите напори за подобрување на односите со Пјонгјанг, но во изјавата стои дека американскиот Стејт департмент инсистира на враќање на односите меѓу Северна Кореја и САД на нивото од лани, кое беше обележано со размена на оган.