Од Кремљ порачаа дека го отфрлаат американското барање за пуштање на заробените украински морнари на слобода и ослободување на запленетите бродови, затоа што не можеле да прават преседани во сопственото правосудство.
Сепак, истовремено од Москва, иако ја отфрлија можноста за ослободување на морнарите, тие порачаа дека и натаму се заинтересирани за дијалог со Соединетите Американски Држави.
Да потсетиме, американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, порача дека повеќе нема да има состаноци помеѓу америкканскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, се додека не бидат ослободени 24-те украински морнари кои што беа заробени од руските сили после инцидентот во близина на теснецот Керч минатиот месец.
Трамп и Путин требаше да одржат состанок пред две седмици за време на нивното гостување на Г20 самитот во Аргентина, но поради руската агресија над украинските морнари, Трамп го откажа состанокот со Путин во Буенос Аирес, а одредени американски политичари побараа и воведување на нови санкции против Русија.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков одлучи едноставно да ги игнорира изјавите на Џон Болтон и порача дека Русија е подготвена во секој момент да организира нов состанок помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
„И натаму сме уверени дека таа средба е подеднакво важна за Москва, исто колку што е важна и за Вашингтон“, изјави Песков за руските медиуми.