Марсело се истакна во изминативе два дена со својата изјава која ја даде по шокантниот пораз од ЦСКА Москва, со која воопшто не му помогна на својот соиграч Иско Аларкон кој дефинитивно не ги доживува најпријатните моменти на „Сантијаго Бернабеу“.
Во сета конфузија и моменти на голема тензија, бразилскиот лев бек откри дека Иско ја одбил капитенската лента на мечот против рускиот тим, изјава со која офанзивниот играч за врска доби дополнителни критики од фановите со кои претходно влезе во вербална пресметка на теренот. Марсело и со своите претходни изјави јасно му стави до знаење на Иско дека треба да се потруди многу повеќе за да се врати во стартниот тим на Реал Мадрид, а сега правејќи една паралела за тоа што се случуваше во минатото, резервниот капитен на „кралевите“ даде интересна изјава за Кристијано Роналдо.
Марсело беше најголем сојузник на Кристијано на теренот крај левата страна, па не е ни чудо што тој е играчот кој најчесто дава изјава за Португалецот кој повеќе од јасно му недостасува на теренот.
– Роналдо е играч кој покрај тоа што ми беше колега, е и мој пријател. Тој исто така е пријател на Серхио, Лука. Кога го немате најдобриот играч во светот во вашиот тим, нормално е да ви недостасува. Но, тоа од друга страна не значи дека немаме најдобри играчи на секоја позиција. Секој тим сака да го има Роналдо во своите редови, но Реал Мадрид ќе остане Реал Мадрид, без разлика кои играчи ќе дојдат и ќе си заминат, – порачува Марсело во интервјуто за „Клуб дел Депортиста“.