Црни прогнози на "Bloomberg": Следната војна на НАТО и Русија ќе се води на Балканот

Точка

14/12/2018

20:44

7.509

Големина на фонт

а а а

Во опширната анализа по повод започнувањето на Акциониот план за членство на БиХ во НАТО, американската агенција "Bloomberg" предупредува дека следниот судир на НАТО со Русија би можел да се води на Балканот, наведувајќи дека Алијансата се надева дека ќе прими уште членки од Балканот, каде е "заплеткана во борба за влијание со Русија".

Во тој контекст, "Bloomberg" укажува дека повеќето Срби во БиХ, заедно со својот лидер Милорад Додик, остро се противат на членство на таа земја во НАТО, за разлика од муслиманите и Хрватите кои поддржуваат поблиски односи со НАТО. 

Агенцијата истакнува дека НАТО оваа година веќе еднаш ја потиснал Русија во борбата за влијание на некогаш комунистичкиот исток на Европа, а дека сега се подготвува за уште една пресметка "на местото на најголемо насилство на континентот од Втората светска војна".

Како што е објаснето, откако Алијансата ја примила Црна Гора во своето членство, "фрлила око" и на БиХ, земја во која ја започнала својата прва борбена операција во 1995-та година.

Сепак, се предупредува во текстот, во БиХ и натаму постои опасност од вриење на етнички тензии кои, како што наведува "Bloomberg", дополнително се засилиле минатата недела, кога министрите за надворешни работи на НАТО повторно го започнале програмот кој една деценија бил "успан", Акционен план за членство на БиХ во НАТО.

Се наведува и дека Додик, кој е опишан како сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој ги претставува Србите во БиХ, рекол дека нема да поддржи "ништо што значи било каква инклузија во воена алијанса, НАТО или нешто друго".

Од друга страна, истакнува "Bloomberg", бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, рекол дека членство во НАТО е меѓу "најважните надворешнополитички цели". Со него е согласен и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, кој рекол дека членството во Алијансата е приоритет и потсетил дека некогашниот српски член на претседателството, Небојша Радмановиќ, го поддржал овој план во 2009-та година, кога за него прв пат се дискутирало.

Меѓутоа, агенцијата нагласува дека Додик рекол дека геополитичката ситуација денес е променета.

"Bloomberg" потсетува и дека поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска и Црна Гора веќе станел членки на НАТО, а дека Македонија во јули е повикана да се приклучи на Алијансата.

Во текстот се потсетува и дека со Дејтонскиот договор во 1995-та година е формирана држава со два ентитети, но се наведува дека со него е создадена слаба централна влада, која се состои од групи кои го попречуваат носењето на одлуки, економскиот развој и политичката хармонија додека се расправаат околу прашања кои се движат од распределба на буџетските средства до тоа кое знаме треба да се вее кога ќе се сретнат.

"Bloomberg" наведува дека противењето на Додик за поблиски односи со Алијансата има историски причини, и потсетува дека НАТО ги бомбардирал силите на босанските Срби последните години од војната во Босна, по злосторствата во Сребреница, како и дека ја бомбардирал Србија во 1999-та година.

Агенцијата потсетува дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на почетокот на овој месец ги обвинил НАТО и ЕУ дека ги "забрзуваат напорите за освојување на регионот" и им даваат на земјите лажен избор да мора да се приклучат кон Русија или кон Западот, додека од друга страна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер вели дека Алијансата би сакала да види БиХ да се согласи на дополнителните мерки, кои се потребни за евентуално членство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг