Мијалков ги прислушувал сопругата и брат му?

Макфакс

13/12/2018

12:06

7.012

Големина на фонт

а а а

На денешното рочиште за предметот за масовното прислушување, „Таргет – Тврдина” продолжи да сведочи ексвработениот инеженер во МВР, Ѓоко Лазаревски. Во сведочењето Лазаревски рече дека сензитивен таргет на следење биле телефоните на братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков и на неговата сопруга, Александра.

Обвинителот Артан Ајро го праша Лазаревски на што точно мисли кога рекол дека имало броеви што се сензитивен таргет на следење на комуникациите. Лазаревски рече дека тоа биле два таргета: „Едниот е Влатко Мијалков, братот на обвинетиот Сашо Мијалков, а другиот е на Александра, сопругата на Сашо Мијалков”, рече сведокот.

Тој објасни дека извлекол над 800 гигабајти материјал од системот за следење на комуникациите, наречена податочна база „алес”. Лазаревски објасни како технички ги обработувал податоците за полесно да бидат читани и систематизирани.

Лазаревски на прашањето зошто го пријавил случајот во МВР, одговори: „Во рок од 3 години јас и Звонко вадевме нелегално снимени разговори од системот на МВР. Целта беше да се пријави дека се вршени нелегални активности и целиот доказен материјал е предаден на Зоран Верушевски”, кажа сведокот.

Во предметот „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и службеници од УБК.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг