ВМРО-ДПМНЕ: Власта потроши 7 милијарди евра без да вложи денар во подобрување на квалитетот на воздухот

Макфакс

11/12/2018

09:37

710

Големина на фонт

а а а

СДСМ потроши 7 милијарди евра пари на граѓаните, без да вложи денар за намалување на аерозагадувањето, а сега безобразно и без срам бара донации од бизнисмените за борба против загадувањето на воздухот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ нема план како да ја извади државата од црнилото во кое ја потона. Скопје со денови е најзагаден град во Европа и помеѓу десетте најзагадени во светот. Во европскиот врв на најзагадени градови се и Битола и Тетово, ништо почист не е воздухот ниту во Струмица, Кочани и Тетово. Едноставно кажано Македонија се гуши, а власта не презема ништо, ниту денар од 7 милијарди евра буџет од две последователни години не е инвестиран во подобрување на квалитетот на воздухот, па сега наместо мерки и проекти, власта бара донации од бизнисмените, кои веќе еднаш дале пари во буџетот преку даноците, пари од кои дел требало да завршат и за подобрување на квалитетот на воздухот“, велат од партијата.

Од партијата додаваат дека нивото на загаденост е неколкукратно над дозволеното, нивото на канцерогени ПМ10 честички е опасно по здравје, а десетици граѓани секој ден ги полнат болниците ширум државата поради срцеви и белодробни проблеми како последица на загадувањето.

„СДСМ наместо да троши пари на лубриканти, цвеќиња и кафе во износ од неколку милиони евра, треба да преземе мерки против загадувањето, кое е реален проблем за здравјето на граѓаните и животната средина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата предлага неколку мерки: во услови на загаденост над мерните дозволени концентрации, во тек над 7 последователни дена, да се овозможи бесплатен градски превоз, додека трае загадувањето, инспекциските служби, како на државно, така и на локално ниво, да работат во зимски услови 24 часа и јавно, секој ден со име и презиме, да ги обзнанат најголемите загадувачи и, согласно тоа, мерките кои ги презеле, да се чистат сите диви депонии, особено да се инспектираат секојдневно оние локации каде што се пали отпадот со намера и да се изречат казнени мерки и да се овозможи целосна бесплатна здравствена заштита, на граѓаните, посебно на децата и хронично болните, за кои е констатирано дека причината е загадувањето.

Партијата најави дека ќе одржи протестен марш и оваа среда во Скопје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг