Макрон со обраќање до нацијата: Не само што попушти, туку и најави зголемување на минималната плата!

Точка

11/12/2018

10:06

3.127

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа се обрати до нацијата после жестоките протести на Жолтите елеци и најави економски мерки кои што ќе им помогнат на најзагрозените работници во државата.

Макрон најави дека од идната година на граѓаните ќе им биде зголемена минималната заработка.

Тоа значи дека на работниците кои што работат за минимална плата, ќе им биде зголемена платата за 100 евра месечно, а прекувремената работа нема да биде оданочувана. Ова се само некои од мерките кои што Макрон синоќа ги најави за граѓаните кои што работат за помалку од 2 илјади евра месечно.

Инаку, минималната плата во Франција изнесува околу 1,200 евра, па со новата мерка на Макрон ќе биде зголемена за 100 евра. Макрон исто така побара од работодавачите да им дадат неоданочени бонуси на своите работници на крајот од годината.

„Многу други земји минуваа низ тешки периоди, ќе најдеме и ние излез од кризата“, изјави Макрон, напоменувајќи дека и самиот ја сноси одговорноста за избувнувањето на протестите и додавајќи дека Франција е во „економска вондредна ситуација“.


Коментирајќи ги протестите, францускиот претседател изјави дека не ги одобрува нападите на безбедносните сили и демолирањето на објектите од страна на демонстрантите, но исто така и додаде дека „бесот на демонстрантите е длабок и на бројни начини оправдан“.

„Ѝ наложив на Владата да направи се што е потребно за тие луѓе да бидат задоволни. Сакам земјата да ја трансформираме во тоа за што гласаа луѓето пред 18 месеци. За да успееме во нашите напори, мора да бидеме обединети“, изјави Макрон и додаде:

„Се наоѓаме во историски момент, преку дијалог и меѓусебно почитување ќе успееме. Мојата единствена борба е за вас, за Франција. Да живее Републиката! Да живее Франција!“, изјави Емануел Макрон.

Макрон исто така се откажа од зголемувањето на цените на горивото, но таквиот потег не стави крај на протестите на Жолтите елеци кои што сега бараат и помали даноци, зголемување на минималните примања и пензиите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг