Затворениците од „Идризово“ почнаа со штрајк: Бараме амнестија за сите, не само за упадите во Собранието

Макфакс

10/12/2018

13:33

2.637

Големина на фонт

а а а

Затворениците кои одлежуваат казна во затворот „Идризово“ од денеска штрајкуваат со глад бидејќи не се опфатени со законот за амнестија што се подготвува, а со кој ќе се ослободат од вина само осомничените и осудените лица кои упаднаа во Собранието на 27 април.

Затворениците со писмо ја известиле и управата на затворот „Идризово“, а велат дека ќе бидат поригорозни доколку Владата не одговори на нивното барање за општа амнестија.

„Почнуваме со дводневен предупредувачки штрајк со глад бидејќи и покрај сите барања до Владата и премиерот досега не добивме одговор во врска со законот за амнестија, кој е во најава. Бараме општа аменстија за сите дела кои ги дозволува Уставот, исто така и статусот на доживотно осудените да се промени во бројка што е во склад со европските закони. Доколку во следните два дена не добиеме конкретен позитивен одговор од страна на Владата и работното тело за помирување, ќе продолжиме со штрајкот со глад и ќе организираме мирни протести со нашите фамилии пред Владата“, пишува во писмото испратено до директорот на „Идризово“, Боби Мојсоски.

Директорот на затворот „Идризово“, Боби Мојсоски, вели дека ја добиле најавата.

„Штрајкот е строго наменски и се однесува на најавената амнестија. Тие бараат да се најдат во законот што се подготвува. Ќе видиме дали ќе штрајкуваат кога ќе стигне ручекот. Најавата е дека протестот ќе трае два дена“, вели директорот Боби Мојсоски за „Макфакс“.

Пред месец и половина затворениците го најавија генерален штрајк. Тогаш тие рекоа дека не може поголеми криминалци од нив да шетаат слободно и постојано да се амнестираат помеѓу себе, а други за пушење марихуана и украдени ќебапи и ајвар да лежат во затвор.

Со Законот за амнестија, кој беше донесен на 15 јануари годинава, целосно ослободување од затвор добија околу 815 лица со правосилна пресуда, додека намалувањето на казната за 30 проценти опфати над три илјади осуденици. Законот не предвидуваше амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори и кривични дела против државата.

Амнестијата се однесуваше на лица кои делата предвидени со неа ги сториле до 20 септември 2017 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг