Годинава 60 отсто од децата се извадени од социјалните установи за да растат во подобри услови

Макфакс

10/12/2018

12:07

684

Големина на фонт

а а а

Министерството за труд и социјална политика (МТСП), по повод Меѓународниот ден на човекови права, уште еднаш ја информира јавноста за, како што велат оттаму, амбициозниот план – ниту едно дете под 18 години во Македонија да не биде сместено во социјална установа до 2020 година.

Од ресорносто министерство посочуваат дека чекор по чекор, ваквата замисла станува реалност.

„На крајот на 2018 година во нашите социјални установи ќе бидат сместени за 60% помалку деца одошто во август 2017 година. Секое дете заслужува семејство и затоа го менуваме начинот на кој како држава се грижиме за децата кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа – со ова на секое дете му овозможуваме услови за правилен раст и развој, што е основно човеково право“, истакнува министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Од МТСП посочуваат дека од повторното интензивирање на деинституционализацијата во август минатата година, вкупно 161 дете претходно сместени во социјалните институции се згрижуваат надвор од установите.

„Во Специјалниот завод ‘Демир Капија’ веќе нема ниту едно дете под 18 години, а децата сместени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение ’25 Мај’ се згрижени во пет мали групни домови во Скопје“, стои во соопштението во кое се додадава дека до крајот на првото училишно полугодие, сите 30 деца моментално сместени во Домот за деца без родители „11 Октомври“, исто така, засекогаш ќе ја напуштат установата и ќе живеат во мали групни домови во Скопје и во Штип, или во згрижувачки семејства во Скопје.

Од Министерството истакнуваат дека за сите институции е воведен административен мораториум на приемот на нови корисници, со исклучок на Домот за доенчиња и мали деца Битола, којшто обезбедува згрижување на новороденчиња. МТСП воедно изразува благодарност до Уницеф, ЕУ и УНДП, чија поддршка е, како што велат, од голема помош и значење за процесот на деинституционализација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг