Чоколадна аукција за првиот Центар за деца со аутизам во Македонија

Точка

07/12/2018

10:17

2.049

Големина на фонт

а а а

Слатки задоволства, експонати од кои ќе ви застане здивот, Чоколадна аукција по четврти пат ќе се одржи на 12-ти декември во 20 часот во хотел Парк во Скопје. Овојпат средствата ќе бидат наменети за Центарот за деца со аутизам прв во Македонија објаснува за Точка, една од организаторите на овој хуманитарен настан, Катерина Златановска Попова.

Чоколадна аукција во Скопје, чија беше идејата и зошто токму чоколадна?

- Далечната 2009, сосема неочекувано престојував со моите две мали деца во болницата за белодробни заболувања кај децата Козле поради бактериска пнеумонија. Во неколкуте непроспани ноќи размислувајќи за тоа што би можела да направам и каков вид на поддршка би можела да и дадам на оваа единствена установа. Се роди идејата на чоколадна аукција, начин на кој би поттикнала што повеќе луѓе да дадат своја донација и помош. Знаев дека ќе биде единствен и уникатен настан кој ќе разбуди голем интерес во јавноста, а токму тоа беше и целта и намерата, што посилно и подалеку да оддекне потребата за поддршка. За мене беше огромен личен предизвик, а поддршката од моето семејство, сопругот, мајка ми и пријателите ми ја дадоа потребната одважност да не се откажам и да истраам во реализацијата на идејата.

Слатките задоволства ја поттикнуваат креативноста, какви форми ќе видиме годинава?

- И оваа година се потрудивме да бидеме целосно оригинални и колку што е можно интернационални...На гостите ќе им понудиме вистински уметнички дела. За тоа се погрижи мајсторот за чоколадо Игор од ПАСТЕЛ, Чоколарт, Снежана, луѓе уметници кои знаат да направат чуда. Ни пристигнаа вкусни чоколадни фигури како донација од наши пријатели од Франкфурт, Дубаи, Лондон и Прага. Имаме мала џунгла од чоколадо, цело село, цветна градина, музички инструменти и скриено богатство...Секако, двете дела кои се изработуваат во работилницата на ПАСТЕЛ ќе им го застанат здивот на сите гости, ама морам да ги задржам во целосна тајност.

Кој се може да учествува со чоколадни форми и на аукцијата?

- Аукцијата е прилагодена и достапна за секој. Како донатор може да се јави и индивидуалец и компанија, ние сакаме да градиме пријателства и вистински веруваме во тоа дека колку сме побројни толку сме посилни. Имаме поддршка од Парк хотел и спа и ресторан Фор каде и ќе се одржи аукцијата на 12.12.2018, среда, но и од компании како што се Алкалоид, Осигурување Македонија, Авицена, ПОЦ, Кариера.мк без кои овој настан не би можел да се случи. Покрај чоколадните експонати имаме многу донатори, пријатели на аукцијата кои ни даваат ваучери, услуги или производи со кои ја зголемуваме целокупната вредност на секој експонат. Од козметички третмани, до ваучери за Cineplexx, АМСМ членство, ретки вина, коњак, книги од авторите Сузана Турунџиева, Ана Салтирова Давидовски, до најновото музичко ЦД на Пепи Ренџов и дресови со потписи од милениците на македонскиот ракометен спорт, ракометарите на РК Вардар...Секој на свој начин ни ја искажува својата поддршка, а јас сакам да ја искористам оваа прилика и јавно да им упатам едно големо благодарам. Што се однесува до гостите, тие имаат можност да се вклучат и да се наддаваат за било кој од омилените експонати, потребно е само да се регистрираат на самиот влез, да земат број и со него да учествуваат во наддавањето. Со поддршка на НЛБ Тутунска банка, гостите ќе можат да платат со картичка без провизија или пак на фактура...Сите опции се достапни. Во фондот за донации влегуваат и сите билети кои може да се купат преку kupikartizase.com, и при тоа секој гостин ќе може да ужива во незаборавната пред новогодишна забава која ќе ни ја приредат Роки и пријателите по завршување на официјалниот дел од аукцијата. Пепи Ренџов за прв пат, на аукцијата ќе промовира и песна од своето ново ЦД наречено Џезилка.

Оваа аукција не учи на вистинските вредности, на човечноста, во време кога се повеќе станува себични?

 - Оваа е четврта Аукција на чоколадо, и настојуваме секоја да е различна и уникатна, како по содржината, така и по чоколадните експонати. Она што за мене е посебно важно, што моите деца растејќи со подготовките за секоја аукција одделно, сега, на возраст од 12 и 10 години се активни учесници и поддржувачи на идејата, и со гордост можам да кажам најмладите волонтери во ПОЗИТИВО. Аукцијата мене ме направи подобар човек, но многу поважно за мене е што моите деца гледам дека растат и се развиваат со вредности кои се реткост во денешниот свет меѓу младите.

Колку килограми чоколадо ќе има годинава?

- Многу, хахаха, над 100 килограми сигурно, во разни облици, форми и големини.

Колку сретства се собираат обично годишно и за што ќе бидат наменети?

- Секоја година е различно, тоа е една од големите неизвесности и непознати во целиот процес, и верувајте и ние како организатори не можеме со сигурност да знаеме колкави размери ќе достигне донацијата. Досегашното искуство покажало дека многу компании се одлучуваат да ни ја дадат својата поддршка по настанот со тоа што ќе ни обезбедат донација или попуст на нивните производи и на тој начин ни овозможуваат вредноста на собраните средства да се зголеми. Она што секогаш однапред го одредуваме е корисникот на донацијата за кој се организира аукцијата. Овој пат, имаме огромна желба да го поддржиме и промовираме отворањето на првиот Центар за аутизам во Македонија и регионот кој ќе работи во рамките на Фондацијата СТЕМ академија според сертифицирани програми на Lego Education. Овој центар ќе има определба да им помогне на децата да ги подобрат своите социјални вештини, и воедно да им ја понуди неопходната стручна поддршка на семејствата и родителите. Во центарот е предвидено да работат обучени дефектолози, а предвидена е и соработка со други стручни лица.

А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг