Фондот за иновации додели грантови од 2,5 милиона евра

Макфакс

06/12/2018

16:57

896

Големина на фонт

а а а

2,4 милиона евра ќе чини реализацијата на трите проекти, добитници на кофинансирани грантови за технолошка екстензија од првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, од кои 1 милион евра се средства што се доделуваат од ФИТР, а другите средства се обезбедени од апликантите.

Проектите ќе ги реализираат Стопанската комора на Македонија, „Про план студио„ и „ГСИ консалтинг“, кои во транспарентен и селективен процес се избрани во конкуренција од 8 номинирани проекти.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека првиот јавен повик за инструментот за технолошка екстензија на Фондот за иновации и технолошки развој е рализиран со поддршка на Светската банка, а преку овој инструмент ќе се овозможи повисока продуктивност на македонското стопанство.

„Најпрвин ќе се изврши детектирање на проблемите во оделните области за кои се добиени грантовите, а потоа и санирање на состојбите и преземање мерки за повисока продуктивност на компаниите што работат во областите преку набавка на нова опрема. За повисока продуктивност потребен е пристап до нови технологии, да се поседува техничко-технолошко знаење и добра организација на компаниите, а преку овој инструмент се надеваме дека ќе успееме тоа да го постигнеме во четирите области за кои се однесуваат проектите“, потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека Владата ќе продолжи со силна поддршка на македонските компании за да се стимулира индустрискиот развој во земјата, со оглед на тоа дека индустријализацијата е единствениот начин да се фати приклучокот со развиените земји.

„Процесот на индустријализација дава резултати, извозот во првите 10 месеци бележи раст од 16,2 отсто, а влијание на порастот има и од домашните и странските компании што работат во земјата. Во третиот квартал на 2018 бележиме раст на БДП од 3 отсто и тоа е реален раст, не е резултат на виртуелна економија и на виртуелни проекти, не е резултат на претерани и нефункционални задолжувања, растот е обезбеден од реалната економија. Растот на БДП ги надмина предвидувањата од одредени институции, а се надевам дека таквиот тренд на раст ќе продолжи во следниот квартал и во наредната година. Растот на финалната потрошувачка од 4,1 отсто, растот на индустриското производство и на јавна потрошувачка даваат за право дека може да очекуваме раст на БДП на реални основи и на долг рок“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на канцеларијата на Светската банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, им честита на компаниите што добија грантови и изјави дека Светската банка е задоволна што може да придонесе кон агендата што му помага на локалниот приватен сектор да ја зацврсти својата продуктивност.

„Техничките надградувања се клучни за оваа област. Тие нудат помош за истражување, дијагностика, советување, да им помогнат на фирмите да усвојат нови технологии со кои ќе се комерцијализираат иновациите. Веруваме дека успехот на иновациите е важен за развивање динамична и конкурентна економија во Македонија“, нагласи Мантованели.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, рече дека овој инструмент ги надополнува мерките од планот за економски раст кога станува збор за технолошки развој кај микро, малите и средните компании, при што се додава елементот на дијагностика, односно поддршка на процена на потребите на компаниите, процес по кој треба да се реализираат инвестиции за повисока продуктивност.

„Преку овој инструмент се опфаќаат четири сектори: металопреработувачка индустрија, електромашинскиот сектор, делот на земјоделството во производство на храна, како и производство на мебел, сите препознаени како сектори со значителен извозен потенцијал. Предвидениот број компании што би добиле поддршка во набавка на опрема за технолошки развој е приближно 10. Минатата година зборувавме за степен на искористеност на средства од Светската банка на ниво на 10 отсто, со потпишување на денешните договори тој степен на искористеност се искачува на 50 отсто. Со завршување еден голем повик за финансирање стартап-компани и со вклучувањето на Светската банка во реализација на мерките од планот за економски раст, во првата половина на 2019 година очекуваме средствата што биле наменети за поддршка на иновациите и технолошкиот развој од Светската банка да се искористат во целост“, изјави Деспотовски.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, извршна директорка на Стопанската комора на Македонија, која со проектот „Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот, електро и машинскиот сектор преку подобрување на производните и технолошките способности на извозно ориентирани мали и средни претпријатија“, е еден од добитниците на грантовите, рече дека истражувањата спроведени од Комората покажуваат дека индустриската и извозната структура на металопреработувачкиот, електро и машинскиот сектор имаат силен потенцијал за развој, но дека приложуваат мал број извозни производи, а нивото на продуктивност и извозна софистицираност е ниско. Една од главните цели на првата фаза од проектот е решавање на проблемите поврзани со информациските и координациските активности преку идентификување листа на нови производи со повисок степен на финализација и поголемо ниво на комплексност во однос на просечната софистицираност на постојната индустриска структура. За таа цел детаљно ќе бидат проучени репродукциските процеси и индустриски поврзаности на ниво на поединечен производ, а процесот ќе опфати анализа на 1.200 производи што се предмет на меѓународна трговија. Втората цел на нивниот проект е идентификација на технолошките, производните и организациските слабости со цел дизајнирање план за решавање на проблемот со технолошкото заостанување како една од најкрупните бариери со кои се соочуваат МСП во нивните напори да ја зголемат извозната конкурентност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг