Нинџа: 27 април беше управуван од штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

06/12/2018

12:59

5.169

Големина на фонт

а а а

Попладнето на 27 април 2017 година обвинетиот Александар Василевски-Нинџа контактирал со двајцата поранешни шефови на УБК, Сашо Мијалков и Владимир Атанасовски, а попладнето заминал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ од каде што, како што тврди, се давале насоки и биле координирани активностите за упадот во Собранието.

„Ситуацијата околу 15 април почна да зоврива, се скандираше против тиранска платформа, против двојазичност. Говорите константно беа потпалувачки. Дојде 27 април, некаде околу 12 и 30 часот ми се јави Владимир Атанасовски и ме извести да бидам во Скопје бидејќи на репродукција имало оперативни сознанија дека тогашната опозиција спрема нешто. Ми даде насока дека ќе ми се јави Никола Бошкоски Прскач. Од сабајле бев со лицето Дејан Давидовски во Катланово, потоа во Ѓорче Петров. На враќање ми се јави Веле Петрушевски да се видиме, му кажав да дојде во ‘Дион’. Таму беа Михаил Младеновски, Стефан Младеновски, Никола Митревски Кољо. Атанасовски околу 16 часот повторно ми се јави и ми кажа дека тој ден СДСМ ќе сакаат да изберат претседател на Собрание. За следење на состојбата го известил и Јане Ченто и ни рече дека треба да бидеме на стенд бај. Во 17 и 40 ми се јави организациониот секретар на ВМРО Спире Ристевски и ме повика да отидам во штаб. Во тој момент имав контакт и со Сашо Мијалков кој ми рече да отидам во база“, рече Нинџа на денешното рочиште за 27 април.

Околу 18 часот и 10, продолжи обвинетиот, влегов во штабот на ВМРО преку гаражата, се качив на осмиот кат, но Сашо Мијалков не беше таму.

„Таму беше командно оперативниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, тука беа Биљана Бришковска, Миле Јанакиески, Митко Чавков, Спиро Ристевски. Имаше пуштено телевизија ‘Нова’, на вести се пратеше протестот и сите разговараа на телефон. Како се движеше толпата така се издаваа наредби. Бришковска комуницираше со Трајко Вељаноски кој ѝ даваше насоки за состојбата внатре. Јанакиески и Спиро Ристовски комуницираа со Бетмен. Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија најитно да дојдат во Скопје. Чавков лично го слушнав имаше комуникација со Митко Пешов. За кратко време дојде и директорот на УБК Владимир Атанасовски. Од таму се координираше сето тоа што се случи на 27 април. Како доаѓаше масата така наредбите беа подиректни“, тврди Нинџа.

Како што рече, Бришковска рекла дека во првото сценарио пратениците не ја завршиле својата работа, немало инцидент, не се степале. Потоа му се јавила на Вељаноски да се отворат вратите од Собранието.

„Директорот Владимир Атанасовски тогаш ме извести да излезам на терен. Кога стигнав луѓето беа влезени во Собранието. Застанавме кај Градска болница и ја надгледувавме ситуацијата. Со мене беше Веле Петрушевски. Во тоа време мобилниот ми се исклучи. Од кај Веле му свртевме на Кољо кој ни кажа дека внатре е хаос и дека луѓето почнале да тепаат пратеници“, рече Нинџа.

Оваа вистина, додаде тој, што ја видов на 8. спрат само јас ја знаев, никој друг.

Во ВМРО беа и од кабинетот на Иванов, требаше да биде прогласена воена состојба

,,Заменик началникот Никола Бошковски го побара директорот на УБК, Владимир Атанасовски велејќи му дека во Собранието е хаос, по што Атанасовски цинично му одговорил ,,комуњарите сакаат да бираат претседател, така им е” и го извести дека во тој момент во штабот на 8 кат е шефот на кабинетот на претседателот Иванов, Борис Јосифовски и дека во секој момент може да биде прогласена воена состојба”, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на денешното рочиште за крвавиот четврток.

,,Седнавме во жена парк каде го сретнав и поранешниот началник на Петта управа, Горан Грујевски. Ми кажа дека внатре има луѓе од УБК и дека има информации од военото разузнавање дека во секој момент може да се прогласи воена состојба. Додека седев со него, некој му јави од внатре и ми рече: ,,Ова не е на арно”, мислејќи на тоа дека полицијата почнала веќе да делува односно дека некој друг ја зел командата. Подоцна Грујевски доби информација дека нема да има воена состојба поради притисок од странски фактор.

Околу 23 часот Бошковски ми се јави да излезам кај Градска болница каде ќе ме собере некое лице. Се качив во возилото и отидовме во една прикриена база на Петта управа во близина на државна болница, не можам да ја кажам која е. Внатре беше Никола Бошковски и тогашниот началник Сашо Марковски. Во неврзан разговор разбрав дека се одземени хард дисковите од мониторинг собата во Собранието од безбедносните камери”, рече Нинџа и додаде:

,,Бошковски му се јави на Атанасовски што да прави со хард дисковите по што добил одговор да се уништат. Сашо Марковски ги извади хард дисковите, истите ги стави на преса и почна да ги уништува. Откако беа искршени, зема ножици за лим и почна цедињата да ги сече на парчиња”.

Василевски вели дека базата ја напуштиле околу 12 часот. ,,Со Бошковски се упативме кон Автокоманда да ме однесе дома, во меѓувреме застанавме во Керамидница кај мостот на Вардар.Бошковски се качи на мостот и остатоците од хард дисковите ги истури во Вардар. Бошковски ми кажа дека Марковски со хируршки ракавици ги извадил хард дисковите од Собрание, дека никој нема да биде обвинет и дека така работи ,,петка”, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на рочиштето за крвавиот четврток.

Тој вели дека поранешниот началник на Петта управа, Горан Грујевски го советувал да не се предава, но по разговор со адвокатите одлучил сепак да се предаде на полицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг