Нинџа: Ми рекоа прво да завршам средно, па ќе ме вработат во УБК

Макфакс

06/12/2018

12:00

5.855

Големина на фонт

а а а

Во текот на 2015 година околу јануари, февруари во екот на политичката криза во Македонија, кога Заев почна да ги објавува бомбите, бев ангажиран од Горан Грујевски да му бидам очи и уши на Никола Бошкоски односно да собирам информации од таргети што ќе ги даде лично тој и да го известам лично него.

Тие информации беа од поголем карактер односно од значење за зачувување на уставниот поредок и уфрлување на обични граѓани во службата, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на денешното рочиште за крвавиот четврток.

„За да ме вработат во УБК ми кажаа дека мора да завршам 4 година средно училиште, имав 3 години. За потребите на службата ми беше издадена значка со број 637, ми дадоа огнено оружје ‘магнум 38 специјал агент’ и радио станица со 16 активни канали, се слушаа сите 8 СВР на Македонија“, рече Нинџа.

„Како една од првите задачи ми беше дадена насока да се приближам до еден мој близок роднина Влатко Пановски бидејќи службата имала информации дека соработува со српските разузнавачки служби. Јас тоа го сторив, службата беше информирана за неговите активности“, рече обвинетиот.

Откако почнаа обвиненијата од СЈО, додаде Нинџа, Никола Бошкоски ми рече да се дружам повеќе со него, беше во депресивна состојба. Според зборовите на Нинџа, Бошкоски и тој тогаш интензивно почнале да соработуваат и со Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК.

Од ВМРО-ДПМНЕ имаше насока за упад и вршење насилство во ДИК

Александар Василевски-Нинџа на рочиштето рече дека ВМРО-ДПМНЕ давале насоки за упад во Државната изборна комисија по изборите во 2016 година.

„Кога ВМРО издвои тесна победа на изборите, бевме во хотел ‘Русија’. Таму присуствуваа високи функционери на партијата, Владимир Атанасовски, Никола Бошкоски, Кире Божиновски, Ивица Коневски, Спиро Ристовски. Таму наздравивме за победата на изборите, но потоа имаше приговори од СДСМ“, рече Нинџа.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ ги организирале протестите пред ДИК, а негова задача била да надгледува, а со него доаѓал и Никола Бошкоски кој е обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“ на СЈО и кој е во бегство во Грција.

„Додека траеја седниците во ДИК, од страна на ВМРО-ДПМНЕ имаше насока ако приговорите бидат во корист на опозицијата СДСМ, да се повика на насилен протест, имаше насока и да се влезе во зградата, да се врши насилство и да се прекине одлучувањето“, рече Нинџа.

ВМРО ги постави за водачи Дурловски, Дамовски, Јовановски и Илиевски

На протестите беа поставени фиктивни водачи кои беа контролирани од ВМРО-ДПМНЕ. Водачи беа Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски. Почнаа протестите, моја задача беше да ги следам и да ја известувам службата, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на денешното рочиште за крвавиот четврток.

„Со мене беа Никола Бошковски и Дејан Димковски Боксер. Додека траеја протестите бев известен дека се организираат патриотски здруженија по што Владимир Атанасовски иницираше средби на кои се сретнав со Игор Југ и Јане Ченто. Со Игор Југ се видовме во Куманово“ истакна Нинџа.

Целта на средбата, како што објасни, била да види дали неговото мислење е проруско или прозападно.

„На средбата се сликавме за истата да биде документирана. Протестите имаа потполна логистика од ВМРО ДПМНЕ, шалови, маици“ нагласи Нинџа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг