Заштеда од дури 90 проценти: Швеѓаните развија иновативна технологија за рециклирање на вода

Точка

03/12/2018

17:29

3.419

Големина на фонт

а а а

Orbital Systems AB е шведска компанија основана пред 6 години која разви иновативна технологија за рециклирање на вода за домашна и хотелска употреба која што овозможува големи заштеди на потрошувачката на вода.

Оваа технологија е интересна поради тоа што, при туширањето, повторно се користи водата од истиот циклус на туширање – водата наместо да заврши во одводот, се рециклира и повторно се користи.

Технологијата е базирана на сензори кои што го анализираат квалитетот на водата до 20 пати во секунда и одлучуваат дали таа вода може повторно да се употреби или не, а водата која што повторно се користи се прочистува со филтри и УВ светлина со цел да се неутрализираат бактериите.


Предноста на оваа технологија благодарение на која може да се заштеди дури 90% од водата и 80% од енергијата, со што се намалува и загадувањето на околината ја препозна и Европската инвестициска банка која што со Orbital Systems AB договори заем од 15 милиони евра кои ќе помогнат во истражување, развој и усовршување на системот, како и негова комерцијализација.

Компанијата Orbital Systems AB веќе ја имплементираше оваа технологија во домаќинствата и хотелите во Скандинавија, а таквиот начин на рециклирање е идеален за подрачјата со ограничен пристап до чиста вода, како што се островите.

„Водата е веројатно најважниот ресурс од кој што зависиме, па така секој обид да ја сочуваме колку што можеме е од голема важност“, изјави потпретседателот на Европската инвестициска банка, Александер Стуб.



Спонзорирани линкови

Маркетинг