103 Генерации – Нова фестивалска авантура на стотројка

Точка

19/11/2018

14:26

3.274

Големина на фонт

а а а

На 24 ноември, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар на два подиума, музичкото радио Канал 103 организира целовечерен фестивал со исклучително квалитетни бендови и артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија за 2018 година.

Фоајето на кино Фросина ќе биде резервирано за традиционалниот настап на диџеите од Стотројка. По тој повод разговараме со фронтмените на оваа радио фрекфенција Костадин Шурбановски – Шурбе, Давид Ангелевски и Мирко Попов. 


Музичкото радио Канал 103 најавува нова музичка авантура. На 24 ноември во Младинскиот културен центар организирате музички фестивал на неколку подиуми. Дали со изборот на музичка програма ќе го оправдате своето 27 годишно постоење како искра светлина во мрачните лавиринти на македонската независна реалност? 

Давид: Канал 103 е неприкосновен во улогата на промотор и креатор на современа, авангардна музичка сцена и култура воопшто. Статусот на независен и некомерцијален медиум му овозможува да не прави компромиси со своите одамна високо поставени критериуми и тоа го прави ова радио уникатно и во пошироки европски и светски рамки. Без лажна скромност, квалитетот на музичкиот избор на Стотројка, денес, кој е комбинација на најактуелното во светската независна продукција и 103 музичкото наследство како меморија е недостижен за многу светски радија со слична ориентација. Затоа и логично е кога организираме вакви настани да не одиме под таа црта и покрај неповолноста на пазарот, кој последниве неколку години повеќекратно ги качи цените на изведувачите. За нас беше важно музичкиот избор на фестивалот 103 Генерации да го донесе стилското шаренило присутно во програмата на радиото и во исто време да го отслика духот на времето во смисла на трендовите на светската независна музичка сцена или барем оној дел од неа кој нас нѐ интересира. И убедени сме дека во рамки на материјалните можности составивме врвна музичка програма од четири бенда и артисти, сите со албумски изданија оваа есен, кои сигурно ќе се најдат на годишните регионални и светски листи за најдобри остварувања за 2018 година. Тука се и нашите диџеи, кои ќе ја збогатат програмата со втора сцена.


Каква музичка агенда е на репертоарот овој пат? Кои се адутите поради кои не смеат да се пропуштат овие музички имиња?

Шурбе: Музичката агенда на 103 ГЕНЕРАЦИИ е исклучително храбра, напредна, супер-еклектична и бескомпромисно квалитетна, каква што е, впрочем, и програмската ориентација на радиото. Главните адути, поточно хедлајнери на настанот се, несомнено, шведскиот маг на софистицираниот електронски звук THE FIELD и британските психоделични гитар-рок херои THE OSCILLATION. Тука е и одличниот дарк/минимал/колд вејв тандем од Тирана I TPAME I TVRAME, како и домашните миленици на инди/пост-рок публиката SUSIJAT. Сите четири имиња во Скопје ќе ги промовираат своите најнови албумски изданија, објавени во 2018 година, што на целиот настан му (до)дава доза на свежина, актуелност и ексклузивност. Сметам дека 103 ГЕНЕРАЦИИ е музички најзрелиот и концептуално најдоследниот фестивал во историјата на Стотројка.

Како е замислен целовечерниот настап? Најавувате забава на неколку подиуми...

Шурбе: Да, како и секогаш, настаните ги планираме на повеќе стејџови. Овојпат предвидовме два. На првиот (main) стејџ, во познатата „Дансинг Сала“ - од неодамна преименувана во „Сала 25 мај“ - ќе настапат бендовите во живо: The Oscillation, The Field, I Tpame I Tvrame и Susijat. Вториот, пак, електронски ориентиран стејџ, сместен во фоајето на Кино Фросина, ќе биде резервиран за диџеите на Канал 103: Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ, Мирко Попов и Андреа Салпе, кои ќе ја понесат забавата до раните утрински часови.


103ка отсекогаш била „прва во колоната“ на патот кон повисока музичка свест. Или некаков поттекст овој фестивал? Порака која сакате да биде исчитана меѓу редови до вашите поклоници?

Давид: Повеќе од медиумски, Стотројка е културен феномен, радио со јасно одредена естетска, идеолошка матрица, интегритет и историска потврда. Стремежот за повисока, не само музичка свест ја разбирам како највисока друштвена одговорност за делување и себеостварување и во индивидуална и во колективна смисла. И тука музиката, но и начинот на кој радиото ја промовира игра клучна улога како еден вид хемиски клуч, драјвер со кој можете да ја запознаете стварноста, но што е поважно и да ја подобрите или можеби елегантно заобиколите. Дека музиката е уметност на времето, културен код на развојот на нашето постоење преку кој Стотројка веќе 27 години анимира, едуцира и учествува во изградба на свое друштво, заедница на свесни индивидуи - 103 генерации. Постоењето на радио со ваква ориентација, без компромиси и секојдневната борба за негов опстанок надвор од институциите и материјалната логика само по себе е доволна порака што секој ден ја испраќаме и со која ја храбриме нашата публика. Во сабота сакаме да се видиме со таа публика и нашата радио пракса да ја донесеме во вид на непосредно музичко-сценско искуство со содржина која доследно ја претставува Стотројка и нејзините музички сфаќања денес. И сѐ тоа како што велиме во најавата, во слава на музиката, слободниот дух и градот, а против стравот од промени и напредок, доминантната општествена глупост и примитивизам, омраза, национализам и разноразни теории на заговор.

Мирко вие сте во 103ка речиси од самите почетоци, паралелно како музички радио водител изминативе две децении и во улога на диџеј и како музичар агилно се грижевте околку музичката наобразба на неколку генерации. Еден од ретките кој се уште има приклучок и со надоаѓачките генерации. Можете ли да направите корелација меѓу онаа адолесцентна популација од 90те години и онаа која допрва се регрутира во вашите редови, земајќи ја предвид разликата на општествено - социолошките и културни аспекти?

Мирко: Генерациите од раните 90ти беа гладни за информации и желни за развој. Ние знаевме дека сме растени на недоволно информации, но затоа желбата да се разберат правилно и впрегнат тие информации во конструктивен процес беше од космички размери. Никако не смеевме да дозволиме тоа да биде наш хендикеп и мислам дека со нашето продлабочено разбирање, неверојатна младешка енергија и есенцијална партиципација на/во Канал 103, успеавме тој навидум хендикеп да го трансформираме во неверојатна предност. Информациите почнаа буквално да се слеваат низ Канал 103 и низ филтрите на луѓето кои работеа во радиото. Ќе се осмелам да кажам дека Канал 103, за нашата културна средина и сцена, беше интернет пред тој да постои тука. Сепак интернет со неверојатно добар филтер. Токму тука настанува диференцијацијата со новите генерации. За нив интернетот на еден инстант начин ги донесе сите оние информации кои до нас не допираа. Но сега се работи за неверојатна количина информации, своевиден information overload (koyaanisquatsi), па повторно се наоѓаме во простор, каде филтрирањето и способноста да се искористат вистинските информации ќе одиграат пресудна улога. За жал 103ка во моментов не е во позиција на така релевантен филтер и нејзиното влијание е помало, па сепак, се уште ја зрачи истата онаа култура на конструктивност и самоорганизација. Значи времињата и условите се различни, но потребите и борбата се исти. Новата генерација е паметна, убава, интелигентна, образована. Комуникацијата со неа е есенцијална. Сите сме во истиот кош. Се надевам на се најдобро.


Имате ли посериозна амбиција овој фестивал понатаму да добие препознатлив печат и да прерасне во едногодишна традиција или ова негово издание ќе биде само исклучок?

Шурбе: Искрено се надеваме дека 103 ГЕНЕРАЦИИ ќе прерасне во традиционален фестивал, своевиден празник на современата независна музика што ќе се одржува секоја година под кураторската палка на Стотројка, како непогрешлив лакмус за добриот музички вкус кај нас. Меѓутоа, тоа, пред сè, ќе зависи од спремноста на државата (Министерството за култура) да ја препознае денес, сега, утре... неопходноста од континуирана поддршка на фестивалот и неговата културна димензија, ориентација и значење. Бидејќи ентузијазмот и љубовта кон музиката што веќе 27 години ги вложуваме во креирањето на програмата на Канал 103 едноставно не се доволни за покривање на трошоците потребни за организирање сериозен музички настан од овој тип.



Спонзорирани линкови

Маркетинг