Деновиве во Сирија изби првиот судир помеѓу про-турските бунтовници – во вооружените пресметки загинале најмалку 25 лица.
Подрачјето на Африн во сириската покраина Алепо, каде што живее мнозинско курдско население, пред неколку месеци падна во рацете на турската армија и нејзините сириски сојузници кои што ги протераа курдските сили после големата офанзива.
Сепак, откако турската армија во најголем дел се повлече од одредени региони, а Турците им ја доделија задачата на нивните про-турски сојузници да ја контролираат територијата, сега за прв пат избија меѓусебни судири на сириските про-турски бунтовнички фракции во Африн.
Според последните информации кои што ги пренесуваат турските медиуми, во судирите на северот на Сирија загинале 25 лица, а десетици биле ранети. Оваа информација ја потврдија и од Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.
Судирите започнале во саботата и продолжиле во текот на вчерашниот ден, а се спротиставиле речиси сите бунтовнички групи со една фракција со назив „Таџамо Шуад Ал-Шарки“, која што била обвинета дека не ги почитува „одлуките на турските сили“, објасни директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман.
Овие вооружени пресметки се дел од „борбата за влијание меѓу бунтовничките про-турски групи“ во Африн, а Рахман открива дека нивната цел сега е да биде елиминирана споменатата, проблематична бунтовничка фракција.