Димче Алексоски: Латино танци на плажите на Доминикана

Точка

19/11/2018

10:59

5.893

Големина на фонт

а а а

Tranquilo - само полека, само смирено е мотото на луѓето во Пунта Кана, Доминиканската Република. По плажите на Карипското море ќе не прошета Димче Алексоски кој цел досегашен живот е посветен на танцот, токму сега , бидејќи таму најубав период е во декември, јануари и февруари кога има помала влажност на воздухот. „Танцот многу зависи од тоа каква ти е партнерката, а јас имам партнерка со која можам да танцувам и скопскиот асфалт и на плажите во Доминикана“ – вели тој.

Зошто ја избравте токму Доминикана?

- Идејата за Доминиканска Република ни дојде сосема случајно во 2014-та година, преку наш пријател кој живееше таму. И покрај фактот што во Македонија дотогаш и двајцата бевме доста реализирани на професионален план, со Андреа се одлучивме да ја посетиме Пунта Кана. Сакавме да видиме дали би можеле да живееме во една толку далечна и егзотична земја и дали нашите испреплетени професии кои подразбираат музика, уметност и танц, би ни овозможиле убав живот. Навистина ми е драго што се осмеливме на еден таков чекор.


[Доминикаснката Република е втора по големина во регионот на Карибите].

Ако треба да ја опишеш прекрасната природа на крајбрежјето на Карипското море?

- Немам зборови што можат да ја доловат таа убавина. Посакувам секому да има можност да ја доживее барем еднаш во животот.

Има ли можности за бизнис, покрај танцот кои се вашите обврски таму?


[Во Доминикана возрасните лице од 70-80 години се забавуваат, пушат пури и пијат рум, но ретко можете да видите алкохолизирано лице, дури воопшто].

- Со тек на време отворивме своја компанија за организација на евенти. Најмногу соработуваме со хотелите за нивните потреби за entertainment програма: лајв музички настапи, танчери, опрема за звук, сцена, осветлување итн.

Покрај ова, држиме и часови по танц во свое студио, како и часови по танц за деца во приватно американско училиште. Од септември годинава Андреа работи и како редовен професор по драма во училиштето.


Колку е просечната плата?

- Просечните плати се релативно ниски, да не заборавиме дека сепак се работи за една земја во развој. Обичниот народ живее сосема нормално, со доволно средства за пристоен живот. Она што во Доминикана фасцинира е што странските инвестиции во областа на туризмот се навистина многу и креираат огромен број работни места. Па, така и покрај релативно ниските плати, луѓето лесно можат да дојдат до работа, секако доколку имаат документи за да можат легално да работат во државата.

Се разбира, доколку во една ваква држава човек умее да биде претприемач и доволно храбар да отвори нешто свое и работи за себе, трудот нема да остане незабележан и напорната работа секако ќе се исплати.

Какво е чувството да се танцува на бела песочна плажа, покрај море?

- Танцот најмногу зависи од тоа каков ти е партнерот. Имам среќа што имам партнерка со која и доминиканските плажи и скопскиот асфалт ми се еднакво убави за танцување.



[Доминиканците се многу весел народ, можете да ги видите како танцуваат и низ улиците].

Кои се сличностите и разликите на луѓето таму и ние?

- Луѓето овде пленат со својата едноставност, позитивниот дух и ведрината. Би рекол дека сме слични по гостопримливоста, но различни според тоа како реагираме на секојдневните проблеми и кога нешто не оди. Овде секоја потешкотија луѓето ја надминуваат полесно, без премногу драмење и поплаки, дури и кога се навистина во тешка животна ситуација. Би можеле многу да научиме од нив.

Култура, обичаи, навики?

- Многу ми се допаѓа што конкретно Пунта Кана е место каде живеат луѓе од целиот свет. 

Културите и обичаите се измешани и тоа му дава особен шарм на ова место. Моите соседи се Кубанци, Срби, Мексиканци, Италијанци, Руси, Американци, Аргентинци, Колумбици… Сите имаме почит едни спрема други и коегзистираме многу хармонично.

Кој е официјален јазик?

- Официјален јазик е шпанскиот.

Во кој период од годината е најубаво Пунта Кана?

- Во Доминикана е лето во текот на целата година, но најпријатно е во таканаречените зимски месеци , декември, јануари, февруари. Тогаш влажноста на воздухот е најниска и климата е идеална.

Кое е мотото на мештаните?

-Tranquilo - Или во превод, само полека, само смирено.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг