Најголемото масовно самоубиство во историјата: Речиси илјада луѓе пиеле сокови со цијанид, мајките најпрвин им давале отров на своите деца...

Точка

19/11/2018

22:14

13.025

Големина на фонт

а а а

Пред 40 години се случи најголемото колективно самоубиство во поновата историја, таканаречениот Џонстаун масакр каде што околу 900 луѓе, меѓу кои и стотина деца, се самоубија со цијанид по налог на лицерот на сектата „Храм на народот“.

Самата секта била основана дваесетина години претходно во Индијанаполис, а подоцна се преселила во Сан Франциско. На почетокот, сектата ги хранела пензионерите, им помагала на студентите и зависниците, сите оние на кои што системот не им нудел помош. Храмот го обожавале и локалните политичари.

Џонстаун или формално Земјоделскиот проект на „Храмот на народот“ бил основан од Џим Џоунс, лидерот на сектата во 1974-та година. Тој ги убедувал следбениците да го продаваат својот имот и да ги донираат парите на сектата. Набрзо се појавиле информации во медиумите за лажните лекувања во сектата, понижувањата на следбениците и крадењето на имотот од страна на лидерот Џонс.

Тој се обидел да ги отстрани тие натписи во медиумите, но на крајот заклучил дека мора да ги напушти Соединетите Американски Држави и во Гвајана ја основал утопистичката заедница наречена по него – Џонстаун. Кампот бил замислен како место на љубовта и среќата, како нов и подобар свет.

Голем број на следбеници пристигнале во кампот, а Џоунс потоа вовел и строги правила. Секој кој се жалел на храната бил претепуван, а бегството било невозможно затоа што вооружени стражари ги чувале излезите од кампот. Луѓето ги буделе во шест часот наутро и се работело по десет часа на полињата. Тие кои што ги прекршувале правилата биле ставани во кафези, а потенцијалните дезертери биле убивани со вбризгување на дрога.

На сето тоа му дошол крајот на 14-ти ноември 1978-ма година кога конгресменот Лео Џ. Рајан со делегација од 18 лица долетал во Џонстаун да ги провери информациите за злоставувањата и злоупотребите. Џоунс се обидел сето тоа да го сокрие, но 16 припадници на сектата започнале да го молат конгресменот да ги спаси.

Делегацијата на конгресменот ги повела со себе, но на десетина километри од кампот, колоната била нападната од фанатичните членови на сектата и најлојалните луѓе на Џоунс. Тие го убиле конгресменот, тројца новинари, еден камерман и раниле 11 луѓе.

Џонс потоа ги собрал припадниците на сектата и им рекол дека ќе пристигнат повеќе конгресмени и нема да можат да преживеат.

„Моето мислење е дека треба да испиеме напиток како старите Грци и тивко да заминеме. Затоа што, тоа не е самоубиство, тоа е револуционерен акт“, им рекол Џоунс на неговите следбеници.

Тој исто така им рекол дека доаѓаат и силите на Гвајана да ги убијат и измачуваат и дека немаат време за губење. На луѓето им бил поделен валиум и цијанид помешан со сок. Повеќето од луѓето го зеле тоа доброволно, мајките најпрвин тоа им го давале на своите деца, а пронајдени биле и тела со траги кои што укажуваат на тоа дека не го испиле отровот доброволно.

Новинарите кои што први пристигнале во кампот со хеликоптери, од висина ја почувствувале смрдеата. Еден новинар известил дека мртвите тела изгледаат како куп на отпад врз кој некој фрлил кукли облечени во разни бои. Кога конечно биле преброени сите тела, црниот биланс изнесува 918 лица, од кои 304 биле деца. Самиот Џоунс не го испил отровот, туку бил пронајден со прострелна рана во главата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг