Стоилковски: Кој издал наредба УБК да го следи претседателот Иванов и неговите активности?

Макфакс

18/11/2018

15:38

2.048

Големина на фонт

а а а

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се жртви на политичкиот прогон и терор, но и одмазда, во контекст на покривањето на грешките на оваа хунта на власт. Со секое ново оправдување на одлуката на „Кацарска судот“ или партиското обвинителство, напишани и испратени од ист центар, се докажува политичката, а не правосудната одлука за притвор, обвини портпаролот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчерашното правдање и дообјаснување на Специјалното јавно обвинителство покажува колку е политичка и неоснована одлуката за притвор на Јанакиески и Божиновски. Сами нагласуваат дека мерки за обезбедување на двајцата се изречени уште пред година ипол, но премолчуваат да одговорат дали Јанакиески и Божиновски во целост ги почитувале изречените мерки. Дали имало еден петок во кој што двајцата не се јавиле на суд?

За разлика од аболицираниот Заев кој велеше дека немал намера да ги почитува судските наредби и одби да се пријавува во судот, Јанакиески и Божиновски редовно, секој петок се јавуваа во судот онака како што беа определени мерките. Ефектот на крај е притвор за двајцата, а слобода за Заев.

Партиските специјални обвинители го правдаат нарачаното притворање повикувајќи се на наводна службена белешка, фингирана службена белешка по желба на нарачателите. Актуелните писмени правдања преку соопштенија од „Кацарска судството“ и партиските обвинителства имаат за цел да се пополни просторот без да се дадат релевантни одговори:

Дали е проверена веродостојноста на исказот на службената белешка од Управата за Безбедност и Контраразузнавање која замислете е со ознака Строго Доверливо? Пoзнато е дека Кабинетот на претседателот Иванов остро реагираше на наводите на кои се повикува Судот. Кој издал наредба УБК да го следи претседателот на државата и неговите активности? Кој ја издал наредбата за следење на Јанакиески и Божиновски и монтирање на политички конструкции во службени белешки? Колку и какви се’ белешки собира УБК за работењето на Претседателот Иванов? Дали се злоупотребува УБК за да се фингираат политички мотивирани судски одлуки? Колку но и против кој се’ се подготвуваат вакви и слични конструкции? Кои се другите лица од опозицијата што се предмет на следење и обработка од УБК и други служби, но и кој ги составува списоците на „политички неподобните“ кои треба да бидат следени?

Колкава штета трпи безбедноста на државата, додека УБК се расправа со политички партии и неистомисленици на СДСМ наместо со вистинските безбедносни предизвици?

Почитувани, ова се прашањата на кои треба власта да одговори. Ваквите активности со злоупотреба на службите против опозицијата се својствени на СДСМ постојано, уште од времето на патот на независноста на Република Македонија досега секогаш кога СДСМ е на власт.

Судството денеска мора да се ослободи од спрегите и притисоците на Зоран Заев и да работи врз база на аргументите. Аргументите велат дека ниту Јанакиески, ниту Божиновски имале намера да заминат и да ги напуштат своите семејства. Затоа судот мора да ги исправи направените грешки и да ги прифати аргументите на одбраната изнесени во жалбата за укинување на притворот“ порача Стоилковски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг