Со предлог Буџетот за 2019 година, изготвен од Владата предводена од СДСМ, обезбедуваме повеќе пари за граѓаните, социјална праведност, поголеми плати, поголем раст на економијата и подобра живејачка за сите граѓани, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Со овие политики, од парите што секој граѓанин ги одвојува, преку низа на мерки, создаваме систем на поинакви вредности, парите да се вратат назад до граѓаните, а економијата да расте уште позасилено. Трендот на раст на платите продолжува и во 2019 година. За 5 отсто повисоки плати ќе добиваат вработените во здравството, образованието, полицијата, војската, вработените во детските градинки и социјални центри, културните работници како и вработените во јавниот сектор. Докторите специјалисти ќе добијат покачување од 10 отсто, да продолжат да работат во нашето јавно здравство, позадоволни и помотивирани“ порача Костадинов.
Новото, како што рече тој, праведно оданочување ќе обезбеди дополнителни средства за спроведување на мерките што извлекуваат од сиромаштија.
„Се воведува и нов, реформиран систем на социјална заштита. На примателите на социјална помош, помошта им се зголемува и до 300 отсто, а се олеснува и пристапот до надоместокот, на дополнителни 11.000 домаќинства, покрајпостојаните 24.000 домаќинства кои во моментот примаат социјална помош“ истакна портпаролот на СДСМ.
Тој нагласи и дека се воведува детски и образовен додаток, кој, како што објасни, има за цел да извлекува од детска сиромаштија, а преку кој ќе бидат опфатени околу 60.000 деца.
„Пресвртницата на економската политика ќе се потпира на забрзување на реалниот раст на економијата за 3.2% но и на креирање мерки и програми за вработувања кои ќе допринесат за отворање на нови работни места. Предвидуваме раст на бројот на вработени во 2019 година за 2,1%, и намалување на просечната стапка на невработеност на историски најниско ниво досега. Со предвидените мерки невработеноста ја смалуваме на ниски 20% со помош на мерки за вработување – вредни 1.1 милијарда денари, како историски највисок износ“ додаде Костадинов.
Како што рече, ова се само дел од низата мерки содржани во предлог Буџетот за 2019 година со кои се обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, социјална еднаквост, забрзан економски раст и подобра живејачка за сите.
Очекуваме овие мерки да направат сериозно придвижување на економијата и стандардот на граѓаните, надополнети со интеграциските политики. Буџетот наскоро ќе биде и пред пратениците. Повикуваме на конструктивна дебата и отворени можности за дополнителни подобрувања во интерес на граѓаните, заклучи Костадинов.