„Ве сака дедо Ратко“ – хашкиот осуденик се јави во живо во утринска емисија во Србија

Макфакс

16/11/2018

19:34

4.475

Големина на фонт

а а а

Хашкиот обвинет Ратко Младиќ се вклучи телефонски во утринска емисија на белградска телевизија.

Поранешниот генерал на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој во Хаг е осуден за геноцид во Сребреница и за злосторства против човештвото, се јави телефонски во утринска емисија на телевизијата „Хепи“.

Во Хаг истражуваат како е можно да се случило тоа.

„Притворениците немаат право да разговараат со медиумите без дозвола од судот“, изјавила Хелена Егелстон, портпаролка на Механизмот за меѓународни кривични судови, за Би-би-си. Механизмот ги презеде тековните процеси по гаснењето на Меѓународниот трибунал за воени злосторства.

„Станува збор за кршење на Правилникот за притвор и отворивме истрага која е во тек“, додала таа.

Во утринската емисија гостувале Дарко Младиќ, синот на Ратко, лидерот на радикалната партија, Војислав Шешељ, и пратеникот на руската Дума, Павел Дорохин. Повод за гостувањето била белградската промоција на книгата „Генерал Младиќ: Последната битка, спомени од интервјуа и документи“. Книгата на руски јазик ја издаде рускиот Комитет за заштита на Ратко Младиќ, чиј претседател е Дорохин.

Во емисијата Дарко Младиќ на мобилен телефон го повикал татко му, кој со првостепена пресуда е осуден на доживотна затворска казна.

„Ве сака дедо Ратко“, рекол тој во емисијата.

По ова, секретарот на меѓународниот суд во Хаг нареди надзор на сите телефонски разговори на Младиќ во текот на следниот месец.

Независното здружение на новинари на Србија и Независното друштво на новинари во Војводина соопштија дека се згрозени од постапката на „Хепи“ телевизија. НУНС и НДНВ навеле дека не се изненадени од постапката на „опасно таблоидната телевизија затоа што станува збор за продолжена рака на актуелниот режим кој благонаклонето гледа на сите злосторства од мрачните деведесетти години од минатиот век“.

Младиќ е во притвор во Шевенинген од јуни 2011 година. Тој беше уапсен во Србија, по 16 години во бегство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг