Премиерот Зоран Заев најави дека следната недела ќе почне дебата за новиот Клинички центар во парламентот.
„Во Владата заврши комисијата за делот на локациите. Покрај постоечката локација во Скопје Север, имаме локација во Петровец, имаме локација во Ѓорче Петров. Заедно, кога ќе ја утврдиме локацијата, јас верувам дека предностите ќе бидат таму каде што нема да има потреба да се решаваат имотно-правни односи, односно локација со најмногу државно земјиште, најлесна урбанизација и лесно адаптабилна проектна документација на главен дизајн или главен проект“, рече Заев.
Ако сето тоа ние успееме да го завршиме до првото полугодие, додаде тој, ќе тендерираме заклучно до првото полугодие избор на изведувач.
„Се работи за џиновски проект, проектиран, грубо кажано околу 450 милиони евра, којшто е влезен во севкупниот план за контролиран јавен долг на државата“, рече Заев.