Канческа-Милевска за протестот пред нејзината куќа: Почитувам изразување на став, но не на овој начин

Макфакс

16/11/2018

17:51

4.248

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска им се извини на нејзините соседи, роднини и пријатели за синоќешниот протест пред нејзината куќа во населба Црниче. Таа вели дека почитува изразување на некој став кој може секој да го искаже и сето тоа е легитимно, но не на овој начин.

„Со организацијата на овој настан свесно или несвесно од страна на водачите и учесниците на групата се наруши приватноста пред сè, се наруши личниот и семејниот мир на луѓето кои живеат во ова место, на моите комшии, роднини и пријатели и на сите мои сограѓани кои живеат во населбата Црниче. Никој не е должен да слуша одредени ставови на одредена група која сака да ги соопшти на некоја друга личност, нарушувајќи ја нивната приватноста и нивниот личен и семеен мир во местото во кое живеат“, вели пратеничката.

Канческа-Милевска истакнува дека треба да се почитува јавниот простор и да не се злоупотребува приватноста на никој од нас.

„Постојат места каде се изразуваат одредени ставови, а тоа е јавниот простор, преку најразлични форми на изразување и дебата. Треба да ги почитуваме институциите на системот и дебата да се одвива таму. Доколку сето ова не се почитува од секој од нас, сè друго води кон анархија, безредие и незрелост“, вели Канческа-Милевска.

Таа наведува дека во семејната куќа во Црниче живее повеќе од 45 години, на почетокот со нејзините родители сега и со нејзиното семејство, и потесно и пошироко.

„Во овие изминати години поминати заедно во ова прекрасно маало Црниче, кое многу го сакам, и во кое маало моето детство е поминато заедно со сите останати кои живеат овде, нè поврзуваат само убави моменти и лично и семејно кои се карактеризираат со длабока почит, љубов и искрено пријателство и помагање еден кон друг“, вели Канческа-Милевска.

Поддржувачите на иницијативата „Македонија блокира“ вчеравечер се упатија кон домот на поранешната министерка за култура, но не успеаја да стигнат до нејзината куќа бидејќи припадниците на МВР, кои беа поставени на почетокот на улицата, ги спречија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг