Мексиканскиот нарко-дилер, Хоакин Гузман, познат и како Ел Чапо, наводно прошверцувал 154.626 килограми кокаин во САД, што е доволно секој граѓанин "да повлече" повеќе од една црта, било соопштено на судењето во Њујорк.
На 61-годишниот Ел Чапо, кој се смета за најголем трговец со дрога на светот од смртта на Пабло Ескобар, му се суди во Америка под драконски мерки на обезбедување, откако во два наврати успеал да побегне од затвор во Мексико.
Поради тоа нарко-босот минува по 23 часа дневно во самица.
Обвинителите на судењето во Бруклин изјавиле дека "мексиканскиот лорд е толку немилосрден, што би наредил убиство на сопственото семејство само за да остане на власт".
Во перидот од 1989 до 2014 година, картелот Синалоа прошверцувал 154.626 килограми кокаин во САД, но и хероин, метамфетамин и марихуана, во вредност од 14 милијарди долари.
Адвокатот Адам Фелс изјавил дека властите на СДА заплениле кокаин со кој можат да направат 328 милиони линии.
"Пари, дрога, убиства: огромна глобална организација за трговија со наркотици. За тоа се работи на ова судење и тоа ќе го докажеме", рекол Фелс и додал дека "запленетата дрога е доволна за секој граѓанин на САД да повлече повеќе од една црта".