Дивна Кирова: “Најтешко се справувам со траумите на децата без родители“

Точка

16/11/2018

21:43

9.252

Големина на фонт

а а а

„СОС Детско Село Интернационал“ е меѓународна невладина организација за социјална заштита, посветена на заштита и примена на детските права, уште од 1949-та година, кога првото СОС Детско село во светот било основано од Херман Гмајнер во Имст, Австрија.

СОС Детско Село става акцент и фокус на семејно-заснованата, долгорочна грижа на децата кои ја загубиле можноста да растат со своите биолошки семејства. Во СОС Детските Села и СОС Младинските заедници тие повторно наоѓаат сигурност, љубов, топол дом и растејќи во стабилна семејна средина добиваат континуирана индивидуална поддршка сè додека не станат независни млади личности.

Дивна Кирова е веќе 16-та година згрижувач во СОС Детското село Скопје. Таа работи, односно живее во СОС Детското село, и моментално се грижи за четири дечиња кои се без родители или родителска грижа.

Во продолжение, Дивна за Точка раскажува за нејзините најтешки моменти во работата, што ја прави горда и зошто после толку години таа сè уште работи како згрижувач.

За почеток кажи ни колку години си згрижувач во СОС Детското село и како започна целата таа приказна?

Во СОС Детското село сум веќе 16-та година. Значи, пред 16 години кога барав работа, дел поради егзистенција, а дел поради свои лични причини, некако пред очи ми излезе оглас за СОС згрижувач во СОС Детското село Скопје. Така започна оваа прекрасна приказна...

 Тоа што немам мои деца можеби беше најголема причина да посакам да сум дел од оваа организација, некако се пронајдов тука.


Раскажи ни малку за приемот на твоето прво дете. Колку емотивно ја доживеа неговата несреќна приказна и дали тогаш ти се потврди дека „Ова е тоа што го сакаш“?

Бев многу збунета.. Имав многу причини за тоа. Прв пат се сретнав со таква категорија на деца. Бев исплашена од тоа како ќе ме прифати, бидејќи му беа јасни работите, имаше 11 години, и на крајот од денот јас не сум негова биолошка мајка, има право да „бунтува“.

Второто дете го добив само два дена после првото, па можам да кажам дека немав многу време да ги анализирам нештата, морав да влезам во „бубањот“. За среќа тоа беше многу мало, и немаше потреба од тешките разговори „каде е, зошто го оставиле неговите родители и каде се тие“.

Кога ќе израснеш некое дете, го гледаш како свое, а и тоа веќе те доживува како мајка. Колку деца има Мајка Дивна?

Досега имам израснато 12 деца, а моментално се грижам за четири. Ова е најмала бројка на деца за која сум се грижела, порано се грижевме дури за по седум дечиња.

Некои од децата за кои се грижев веќе се возрасни и ја имаат напуштено грижата на СОС Детско село, непосредно по навршувањето на 26 години. Друг дел од нив, сè уште добиваат одреден вид на поддршка од СОС Детско село, а не живеат во рамките на СОС. Секако има и такви кои се помали и кои живеат во младинските куќи, кои се наоѓаат во Радишани и Бардовци, односно како што налага правилникот, после завршувањето на основно образование, да прејдат во следната програма за грижа.

Кажи ни нешто повеќе за децата кои ти ги израсна. Што прават тие сега, дали работат или студираат?

Јас сум навистина горда мајка. Моите деца многу успешно се снаоѓаат во животот. Од оние кои целосно ја напуштија грижата на СОС детско село, дел се вработени во државна администрација, приватен сектор, а една девојка е професионална ракометарка, која игра за странски клубови и не живее тука.

Имам и едно дете кое сè уште е под грижа на СОС, а е студент. Тој заврши колеџ во Костарика и пред четири години доби целосна стипендија за студии во Minneapolis, Minnesota.

Имам и студенти кои студираат во нашата држава. Двајцата се студенти на универзитетот „Кирил и Методиј“, едниот на економски факултет, а другиот е на библиотекарство.

Веруваме дека имало многу ситуации во кои си се чувствувала гордо, како нивен СОС згрижувач. Дали може да ни издвоиш некоја таква ситуација, која засекогаш ќе ти остане во сеќавање?

Уф, да, ги има безброј! Една од тие ситуации беше токму таа кога Кристијан матурираше во Костарика и таму бев повикана на матурската прослава. Најкаректиристично од сè беше тоа што организаторите нагласија дека јас сум била првиот СОС згрижувач кој воопшто се појавил таму, со оглед на тоа дека имало и други деца кои беа од СОС Детски села, ширум светот.


Потоа, дипломската на Даниел. Мислам дека самиот настан не е мала работа, мајките знаат зошто... Исто така Даниел купи и стан, тоа беше еден навистина незаборавен момент кој секогаш ќе ми остане во сеќавање.

Крштевка на две деца кои јас ги израснав. Тоа е поинаков момент, кој не може да се објасни со зборови.

Полуматури и мнооогу други прекрасни настани...

Ни спомена дека Даниел го решил своето станбено прашање. Дали тој е единствен од СОС Детското село кој го решил тој проблем или има одредена група на младинци кои се станбено обезбедени? 

За жал, Даниел е единственото дете кое живееше во СОС Детско село и кое успеа да купи стан. Речиси сите останати имаат проблем со решавање на станбеното прашање. Горда сум на него, но воопшто не ми е сеедно за сите останати деца кои јас ги израснав, а и оние кои не ги израснав, што немаат сопствен дом, туку живеат во изнајмени станови, каде плаќаат месечни закупнини и режиски трошоци.

Навистина МОРА да се реши овој проблем, но СОС Детско село навистина нема можност за тоа. Се надевам дека има добри и моќни луѓе, кои можат да помогнат да се реши проблемов!


Каков е твојот однос со децата кои веќе одамна не живеат во СОС куќата?

Родителски однос до денес. Многу сме блиски, навистина, и уште повеќе ми е драго за тоа, се надевам докрај ќе биде така. Често се слушаме и разговараме за тековните работи кои им се случуваат во животот, заедно правиме планови за работи кои им се од животна важност. Исто така сакам да потенцирам дека и јас имам поддршка и помош од нив, за сè!

За сите големи празници, како Велигден и Божиќ, се собираме како вистинско семејство, но и кога нема повод, тие знаат дека вратата секогаш ќе им биде отворена. Знаат да преспијат во СОС куќата и одлично се согласуваат со децата кои сега ги чувам, без разлика што не живееа заедно, имаат одлична релација. Децата кои сега ги чувам, многу се радуваат кога некој од нив ќе ни дојде на гости, дури ги нарекуваат „бато, дадо“. Понекогаш целосно им ги доверувам, заедно шетаат во парк, во зоолошка, во кино. Можам да кажам дека функционираме подобро и од многу семејства кои се во крвно сродство.

Имаме традиција секоја година, за време на летниот период, кога Савица, ракометарката и Кристијан, ќе дојдат во Македонија, да се собереме сите како едно големо семејство. Овие средби на сите нас ни се од огромно значење, затоа што на нив дискутираме за успесите кои секој од нив ги постигнал за време на изминатата година.


Работата со деца е многу одговорна, тешка и сериозна. Дали некогаш си помислила дека твојата мисија е исполнета, со оглед на тоа дека имаш многу успешни приказни на младинци и си посакала предвреме да се „пензионираш“?

Па, можеби ќе звучи неверојатно, но никогаш не сум помислила такво нешто. Јас многу ја сакам мојата работа, затоа и 16-та година сум дел од оваа организација.  

Исто така сакам да нагласам дека за мене успешен човек не е секој што ќе заврши факултет, туку секој оној кој го пронашол вистинскиот пат и се стреми кон своите цели, кои можеби не вклучуваат високо образование. Бидејќи речиси сите мои деца се факултетски образовани, па да не создадеме револт кај вашите читатели, сепак тоа е лична одлука.

Кој е најтешкиот дел од работата на еден СОС згрижувач? 

Најтешкиот дел од работата е справувањето со траумите на децата. Секое дете има своја приказна и секое од нив носи различни трауми, а најголем дел треба сама да ги откриеш. Процесот во кој тие ги преболуваат сите страшни и тажни нешта е болен и тежок и за мене. Треба од едно истрауматизирано дете да направиш здрав, разумен и примерен човек.  

Дали има доза дискриминација од другите граѓани кон тебе, како вработена во оваа организација или кон децата од нивните соученици?  

Тоа можеби го имаше во мали дози на почетокот, но сега навистина не сум се соочила со некаква дискриминација од ниту една страна по ниту еден основ. Сите ги прифаќаат нормално, бидејќи во принцип нема причина зошто да бидат дискриминирани, тие се деца како сите останати, само со можеби потешко минато. А тоа е постигнато со многу труд и работа, од страна на сите вработени во СОС Детското село, СОС згрижувачите и децата! Односно, сите ние сме заслужни, заедно со децата, за тоа што веќе најголем дел од нив се израснати во здрави и зрели луѓе. Горди сме на нив!

Што ќе им порача мајка Дивна за крај на читателите на Точка?

Би им порачала... секој кој сака да биде родител, а нема можност за тоа, може да ја искуси среќата и на овој начин.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг