Невладините организации ги детектираа сите пропусти на истражните органи за бегството на Груевски

Макфакс

15/11/2018

13:45

1.885

Големина на фонт

а а а

Петнаесетина невладини организации меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, Цивил, Македонското здружение на млади правници, Евротинк, МОФ, Транспаренси Интернешнл и Транспарентност Македонија укажуваат на голем број пропусти направени во текот на постапката за случајот „Тенк“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на 2 години затвор, но пред да влезе во Истражниот затвор, успеа да побегне во Унгарија.

Невладините организации ги осудуваат пропустите, неажурноста и непочитувањето на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и МВР и во овие две институции ги лоцираат главните слабости и бараат одговорност.

Тие тврдат дека дека лицата задолжени за обезбедувањето на Никола Груевски, согласно Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, не смееле да го остават лицето необезбедено односно воопшто да немаат контакт со него од 8.11.2018 па сe до 12.11.2018.

„Бидејќи во случајот станува збор за поранешен Претседател на Владата на Република Македонија, истиот согласно членот 6 од Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување на Владата, се обезбедува со редовни мерки и активности за обезбедување.Согласно членот 200 од Правилникот, ‘полицискиот службеник кој врши редовно обезбедување не може да се оддалечи од личноста односно објектот кој го обезбедува“, освен во исклучителни околности, но притоа личноста која ја обезбедува не смее да остане необезбедена“, стои во соопштението.

Друг голем пропуст, невладините организации наоѓаат во Кривичниот суд, кој требало порано да издаде наредба до МВР за приведување на Груевски.

Според нив, Груевски требало да се јави во затвор веднаш по приемот на конечниот и правосилен упатен акт на 9 ноември, односно во петокот.

„Судскиот курир дента прави три обиди за доставување на конечниот упатен акт на домашна адреса на осуденикот, но трите обиди завршуваат неуспешно, бидејќи осудениот Груевски не бил дома и не можел да го прими упатниот акт. Според член 87 од Законот за извршување на санкции, доколку осудениот не се јави во зададениот рок со упатниот акт, установата (затворот) е должна да го извести судијата за извршување на санкции, кој треба веднаш да издаде наредба до МВР за приведување на лицето. Доколку лицето не е достапно на органите на прогон, Министерството за внатрешни работи треба да издаде потерница“, тврдат невладините.

Според информациите од медиумите, директорот на Затворот Скопје, Ѓоко Котевски го известил судот дека осуденикот не се јавил доброволно на отслужување на затворска казна на 10 ноември односно во саботата, еден ден после трите неуспешни обиди за доставување на упатниот акт.

„Во овој момент се јавува најголемиот пропуст на судот и прекршување на одредбите од Законот за извршување на санкции. Апсолутно е нејасно зошто Судот не постапил во согласност со закон и го игнорирал начелото на итност од став 3 на чл 87 од Законот за извршување на санкции, па за издавање на наредба за приведување на осуденикот, чекал два дена од добиеното известување од директорот на затворот и истата ја издал до СВР Скопје на 12.11.2018 во 16:30 часот, со барање за издавање на национална потерница. Судот воопшто не ни требало да чека известување од установата за издржување на казна затвор, бидејќи веќе било поминато времето за доброволно пријавување во затворот на осудениот Груевски. Веднаш по неуспешниот обид за достава судот морал да издаде наредба за пронаѓање и спроведување на осуденото лице на издржување на казна затвор, впрочем како што досега во сите претходни случаи се постапувало“, тврдат невладините организации.

Тие бараат да се спроведат итни и темелни истраги во кои ќе биде утврдена одговорноста за пропустите во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Министерството за внатрешни работи од аспект на тоа дали се постапувало согласно планот за обезбедување на Никола Груевскии и дали се постапувало согласно тој план проценката за ризик.

„Соодветно на резултатите од истрагата, бараме да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, особено од Законот за извршување на санкции, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Планот за обезбедување, со што помогнале осуденото лице Никола Груевски да ја напушти државата и да избегне издржување на казна затвор“, се вели во соопштението, во кое се додава дека ова е четврто лице осудено во високопрофилираните кривични постапки, кое поради неажурност и некоординираност на судските власти и органите на прогон, успеало да избега од државата и да го избегне издржувањето на казна затвор определена со правосилна и извршна пресуда, што укажува на итната потреба од преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти.

Во соопштението се потпишани Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Фондација Отворено општество- Македонија, Цивил- Центар за слобода, Центар за економски анализи, НВО Инфоцентар, Коалиција сите за правично судење, Евротинк, Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Младински образовен форум, Институт за демократија Социетас цивилис- Скопје, Транспарентност Македонија, Транспаренси Интернешнл и ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг