Кој е кој од осомничените во „Империја“

Макфакс

09/11/2018

16:28

8.223

Големина на фонт

а а а

Отворената истрага на СЈО со кодно име „Империја“ влезе во лавиринтот на голем број сестрински поврзани фирми, од кои дел се поврзани со фамозната „Ексико“ која се крие во Лугано, Швајцарија, но и други компании во даночните раеви.

Компаниите во кои фигурираат осомничените лица се поврзани со големи акционерски друштва, а за дел од овие фирми можеше да се слушне во аудио снимките што ги објавуваше СДСМ во 2015 година.

„Макфакс“ дознава дека станува збор за еден од најобемните предмети кои го работеле повеќе обвинители и дека станува збор за шема на перење пари и измама која траела од 2002 до 2013 година.

Па така, Владислав Стајковиќ е сопственик на НВСП, фирмата која во аудио снимките беше споменувана како дел од шемата за набавка на израелска опрема за прислушување. Стајковиќ е поранешен директор на фирмата „Финзи“, а потоа го наследува сега покојниот Коста Крпач, кој беше сведок за Специјалното јавно обвинителство, а изврши самоубиство во 2016 година. Стајковиќ инаку е газда на НВСП и директор на „Мобико“, фирма каде што сопственик е Жарко Луковски, поранешен главен оперативен директор на Македонски Телеком, кој е во кумски врски со Сашо Мијалков.

Фирмата НВСП е сопственик на два медиума – Радио Слободна Македонија и Телевизија Три Куманово, и е прв сопственик и на агенцијата за обезбедување СГС, која се поврзува со Сашо Мијалков.

Ненад Јосифовиќ е еден од долгогодишните бизнис-партнери на Орце Камчев, кој уште од 2001 година работи како комерцијалист во „Орка спорт“, референт во „Орка Холдинг“, Мала Богородица, фирмата МОНТ, Кара – сите фирми поврзани со Камчев. Тој е десна рака на Камчев и воедно член на Надзорен одбор на Стопанска банка АД Битола.

Ратка Куновска Камчева е мајка на Јордан Камчев, а меѓу осомничените е и неговата сестра Кристина Камчева Стојческа.

Зорица Арсовска (сметководител) и Лилјана Гајдовска (правник) се јавуваат како овластени лица во повеќе фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев.

Цветан Панделески е директор на Земјоделскиот комбинат Пелагонија АД Битола и татко на Дејан Панделески, директорот на Пелистерка. Камчев, Панделески и ЗК „Пелагонија“ во 2015 влегоа во сопствеништвото на една од најголемите фабрики за млеко и за млечни производи „Здравје Радово“.

Тодор Мирчевски е директор на оф-шор компанијата „Ексико“. Заедно со Камчев, Мирчевски е член на управни одбори во повеќе сестринско поврзани компании како „Бетон Штип“, Жито Полог и ЗК Пелагонија.

Ванче Мијалчев е извршен директор на градежната компанија „Бетон – Штип“, каде Тодор Мирчевски е неизвршен член, Дејан Панделески е претседател на Одборот на директори, а Камчев е неизвршен и независен член.

Неизвесно е која била улогата во „Империјата“ на Дејан Јанев и на Јованче Тасковски.

СЈО ги сомничи овие лица за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Според предистрагата, обезбедени се доволно докази за кривичните дела.

„Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство. Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, изјавија од СЈО.

Во судот во моментов се пристигнати двајца од осомничените, Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески.



Спонзорирани линкови

Маркетинг