Обвинетите за смртта на Никола Саздовски не се чувствуваат виновни

Макфакс

09/11/2018

12:16

3.995

Големина на фонт

а а а

Скендер Демири и Бесир Беља обвинети за убиството на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски, на денешното прво рочиште се изјаснија како невини за делото „убиство на свиреп начин” кое им се става на товар.

Јавниот обвинител во воведните зборови го изнесе обвинението пред судот во кое наведе дека согласно со доказите кои ЈО ги има прибавено во текот на овој судски процес ќе докаже дека обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири заедно во присуство на обвинетиот Јетон Љужа, кој не е присутен и по кој е распишана потерница, на свиреп начин со убиство го лишиле од живот сега починатиот Никола Саздовски. Обвинетите на 29 јуни годинава на булеварот Александар Македонски во Скопје на автобуската постројка кај „Алкалоид“ му пристапиле на оштетениот, му побарале лична карта по што го прашале дали е Никола Саздовски викан Саздо, по што тој тоа го потврдил.

„Сите тројца заеднички почнале да го удираат со боксови по главата и телото. Од силата на ударите оштетениот изгубил рамнотежа, паднал на тротоарот по што обвинетите истовремено без милост со силни удари продолжиле да го удираат во градите и главата по што сега починатиот паднал во кома. Саздовски се здобил со повреди опасни по живот во облик на подливи, веднаш бил пренесен во клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ и префрлен на КАРИЛ каде се констатирани повредите. Како резултат на повредите, Никола Саздовски починал на 9.07.2018. Обвинетите го сториле кривичните дела „убиство“ од член 123 став 2. Ова обвинение Јавното обвинителство ќе го докаже со материјални докази, но и со вербални од сведоци“, рече обвинителот Анел Фидовски.

Семејството на починатиот Никола Саздовски се приклучи кон прогонот на обвинителството.

Како сведоци за случајот повикани се Вероника Богдановска, Миле Алексовски, Катерина Николовска, Савид Осман како и докторот Марцетиќ, кој ги констатирал повредите кај Саздовски.

Рауфи: Причина за смртта на Саздовски не се ударите од Бесир и Скендер, туку металната кутија поставена на автобуската

Oдбрана на обвинетите ќе оди во правец на докажување дека немало никаква намера, волја, умисла на обвинетите да го лишат од живот сега починатиот Саздовски туку дека се работи за насилство.

„Сметам дека ќе успееме да докажеме дека причина за смртта е металната кутија, односно канделабра од ЕВН, која се наоѓала на автобуската постројка“, изјави адвокатот на обвинетиот Бесир Беља, Насер Рауфи.

„Нема свирепо убиство кај човек кој е во бесознание. Свирепо убиство претставува свест кај сторителот дека жртвата страда“, рече Рауфи.

Одбраната ќе ја докажува невиноста на обвинетите преку реконструкција со увид на настан, испитување на обвинетиот и фотографии. Обвинетите за убиството на 20-годишниот, Никола Саздовски, Бесир Беља и Скендер Демири се изјаснија дека не се чуствуваат виновни за убиството.



Спонзорирани линкови

Маркетинг