Судијата кој ја води истрагата за хрватскиот тајкун Ивица Тодориќ, одлучи основачот на „Агрокор“ кој вчера од Велика Британија беше екстрадиран во Хрватска да остане во затворот „Реметинец“, објавија хрватските медиуми.
Предлогот на адвокатката на Тодориќ за негово пуштање на слобода беше одбиен. Адвокатката на Тодориќ бараше поништување на истражниот притвор, бидејќи оцени дека неможноста на обвинителството во период од една година да ги испита сите сведоци не може да биде на штета на обвинетиот.
Хрватскиот тајкун Ивица Тодориќ вчера пристигна во Хрватска со редовниот лет на линијата Лондон-Загреб.
Основачот на „Агрокор“ веднаш беше одведен во истражниот затвор „Реметинец“ поради аферата „Агрокор“, во која е осомничен дека на незаконски начин стекнал 1,1 милијарда куни.
Тодориќ по една година откако избега од Хрватска вчера беше вратен во земјата.