Ленин Јовановски за "Точка": Рута 66 е аџилак за моторџиите

Точка

01/11/2018

16:26

10.465

Големина на фонт

а а а

Факти кои велат дека има што да се прочита за Рута 66, посакувана од секој моторџија:

Поминати вкупно денови во Америка: 27 

Поминати вкупно денови вовозење на мотор: 13

Просечна дневна километража на мотор: околу 400км.

Последната состојба на километражата на моторот: 4703км.

Температурни разлики: 6-40 степени

Надморска височина: 0-2000 метри

Ленин Јовановски ве носи со неговиот Харли Дејвидсон, а вие само уживајте во изненадувањата и незаборавните случки. 

Рута 66 е сон на секој моторџија, а за тебе од неодамна реалност? 

За мене секое патување , а особено она кое го поминувам на мотор е посебно и незаборавно , но за моите претходни патувања веќе сум раскажувал и се пишувало, за оние до Москва, Севастопол, Калининград, Минхен, Амстердам, Порто... Скоро да не постои држава во Европа која не сум ја прегазил на две тркала... Возев мотор и во Австралија по Перт и Сиднеј, а минатиот месец го започнав големото патување низ големата Америка, патување кое било мој сон и до тогаш неостварена , а посакувана дестинација. Патување кое го сметам и самиот го нареков аџилак за моторџиите, а тоа е светски позната РУТА 66 (ROUTE 66 - Historic route 66). Пат кој во Америка е наречен и како мајка на патиштата (mother road), главен пат кој ја поврзува Америка од крајниот запад до крајниот исток, од Лос Анџелес до Чикаго минувајќи низ 8 држави (Калифорнија, ,Аризона,Њу Мексико, Тексас,Оклахома, Канзас, Мисури и Илиноис) и три временски зони. Покрај 8-те држави кои го опфака рутата 66, јас поминав и низ Невада, Висконсин и Индијана.


[На пат кон Апачите]

Сигурно имало многу несекојдневни ситуации на ова патување?  

Патувањето го почнав од Лос Анџелес на мотор Харли Девидсон, Електра Глајд-Ултра Лимитед (Harley Davidson Electra Glide Ultra Limited), оваа година која е љубилејна, 115 години Харли Дејвисон. 


[Првиот Харли од 1903]

Секој посетен град, место , знаменитост е приказна за себе, ја видов земјата која некогаш не знаела за граници и сопственост на кој живееле и сеуште живеат домородните племиња Зуни (пр.непријател) или попознати како Апачи, имав задоволство да посетам едно такво семејство во кое бев почестен со ручек и каде што изворно слушнав една нивна традиционална музичка изведба каде неколкумина од нив ритмично удираа со стапови на нешто како тапан со специфични индијански крикови како песна.


[Индијанско племе Апачи]

Од таму заминав со прекрасни импресии од тие добродушни и гостопримливи луѓе и заминав без да ми е јасно како старата Индијанка која ми пријде додека ручав и која ми подаде мало сребрено прстенче со опал кажувајќи ми дека тоа е подарок за мојата најмала ќерка, како ли знаеше дека имам најмала ќерка... ? Го посетив и индијанското племе Акома кое живее во населба високо во карпите на 2000 надморска височина во Акома Пуебло (Akoma Pueblo).


[Во Акома Пуебло каде нема ни вода ни струја, а ни мобилна мрежа и интернет]

На ова патешествие ги видов и оние градчиња како од вестерн филмовите, каде што живееле оние кои го убивале домородното население и им ја одземале земјата на која живееле домородците, тоа биле дојденците-освојувачите од Европа. Еден од тие градчиња во кое јас бев е Калико Гост таун (Calico Ghost Town) во Калифорнија, во кое жителите се убивале меѓусебно, некој при кражби, некој во пијанство, некој од забава...  

Таква автентична ситуација на пљачка на банка и двобој точно на пладне во живо ја гледав во градчето Оатман-Аризона во истото тоа градче ручав во ресторант кој целиот беше облепен со долари секое негово делче, па закачив и јас еден за спомен на кој го напишав моето име и Македонија.



Од друга страна видов градови и места полни со богатство и раскош, Лос Анџелес т.н. главниот град на пљачка на банки... Статистиката кажува дека во овој град се пљачале 9 банки дневно или по една на секој 48 минути. Ги посетив, Холивуд, Беверли Хилс-улицата Родео Роуд , Долби театар, Универзал Студио... Во живо видов места кои се често прикажани на филмовите кои сум ги гледал.

Универзал студио беше посебно доживување за мене, во него имав можност физички и со помош на техниката и виртуелизацијата да бидам дел од лудото возење во Фаст енд Фјуриоз, да летам заедно со Хари Потер, да бидам дел од Мињоните и со трансформерсите да го спасувам светот од лошите роботи, а во живо на автентична сцена и актери гледав сцена од филмот Воден свет (Waterworld).


[Куќата на Хари Потер]

Од Лос Анџелес до Лас Вегас можеби и не е далеку ако не треба да се оди по пустина?

Санта Моника , како кому, за некого крај за некого почеток на рутата 66, јас почнав од таму. Првата етапа беше од Лос Анџелес по пустина до Лас Вегас, a на тој пат има ранч кој се вика “Ранчот на дрвата од шишиња“ (Bottle Tree Ranch) човекот како пиел празните шишиња ги закачувал на метални прачки и така направил цела шума.  


Понатаму сенка ни за лек до градчето Калико кое веќе го спомнав, па се до градот кој со сиот раскош пркоси на пустината на која е изграден,а познат по огромните коцкарници Лас Вегас.


Следи чудото на природата Големиот Кањон (Grand Canyon) на реката Колорадо.  


Продолжувам да возам цело време по пустина, патот прав, лево и десно само карпести возвишенија , песок и по некој сув жбун, сонцето убива, сенка нема , а температурата е до 40 целзиуси па Винслоу(Winslow).

Холбрук(Holbrook), Аризона и влез во Њу Мексико и посета на Зуни (Zuni) резерватот за кој зборував и се до градот Галуп (Gallup), овој град го запомнив по тоа што ништо не работи после 17 часот. Следниот ден патот го продолжувам во иста атмосфера до Акома Пуебло за кој веќе кажав до градот Албукуерк (Albuquerque) кој беше последен за овој ден, а за кој имаше препорака да се остане во хотелот заради тоа што бил опасен град со многу криминал. Следниот ден на пат кон Санта Роса го посетив барот “Динер“ во градчето Мадрид, познат по филмот за моторџиите “Диви Свињи“ (Wild Hogs) со Џон Траволта. После Санта Роса посета на Крик ранчот (Creec Ranch) во кој ги гледав и ги пробав вештинито со ласо.



Следи градчето Тукумкари каде го видов мотелот во кој престојувал Клинт Иствуд, (американците се добри за туризам) и ете ме во Адриан, а тоа е точката на точно пола рута 66 (Мidway point of Route 66) од тука колку до Лос Анџелес толку до Чикаго.


На патот понатаму е Тексас, а таму “Кадилак Ранч“ (Cadilac Ranch) уште една американска атракција. Десет стари кадилаци набиени со предниците во земја (а што друго кога се друго е пустина). Следната дестинација градот Амарило позната дестинација на рута 66 и ресторантот Биг Тексан (The Big Texan) во коj ако за еден саат изедеш телешки стек од 2кг. не треба да го платиш.

Следно застанување ми беше во градчето Шамрок (Shamrock) кој ќе го паметам по тоа што таму ја запознав првата жена која ми кажала дека сум убав (имаше околу 80 год.) и која имаше желба да се сликаме гушнати.


Следна атракција беше во градот Ерик (Erick) во Оклахома во Замокот на Реднек (Redneck Castle) препорачана на сите патувачи по Рута 66 каде незаборавниот и невообичаен лик Харли прави свое шоу во “замокот“ преполн со сваштрии од рута 66 , рокенрол... Следи Елк Сити (Elk City) во кој е старот град- музеј на отворено во кој се институции, објекти, работилници, прибор и се она што го обележува стариот начин на живеење на тие простори. На патот понатаму ги видов и бафалата во бафало Ранч, па следеше влез во следната држава Канзас во градчето Галена познато по цртаниот филм на Дизни со колите кои оживуваат во градот без луѓе.

Климата и атмосферата се менува, како возам на исток така разеленува, но и температурите се пониски, она по што ќе ја паметам Оклахома е ветерот кој силно се противеше на моето движење со моторот, веројатно тука е секогаш така заради тоа што попатно видов и многу ветерници.

Влегувам во државата Мисури, а таму попатно како што е некаква традиција се потпишав на тарабите на една напуштена, но сепак позната бензиска пумпа која сега е сувенирница.

Следниот ден веќе стартувам со дожд , сериозен силен дожд, никако да намали, а камоли да престане.


Проблемот ми е толку голем заради тоа што носам кацига без визир видливоста ми е на минимум , а капките удираат силно по лицето како да сум им јас крив за нешто, заштитното одело од дожд попушти и веќе целиот сум мокар ама се вози и така иако е ладно, ќе престане... или не...

Така утоп додека се уште врнеше влегов во познатата пештера Мерамек (Meramec Caverns) стара 400 милиони години, а според легендата тука се криел познатиот криминалец Џеси Џејмс (Јesse James) и понатаму дожд се до следното сместување во хотелот “РУТА 66“ во Спрингфилд (Springfield) – Илиноис. Следното утро е ладно и влажно , возам до градот Понтијак (Pontiac) и посета на музејот Рута 66, а потоа конечно до последната дестинација од Рутата 66 градот Чикаго.


Иако рутата 66 тука заврши и иако времето беше ладно и росеше дожд, а се предвидуваше да биде и посилен сепак патувањето со мотор го продолжив и следниот ден, патувајќи до градот Милвоки (Milwaukee) во државата Висконсин, град каде што е произведен првиот мотор Харли Дејвисон пред 115 години, далечната 1903, годината кога кај нас се прават черешовите топчиња за востанието против Турците. Во Милвоки го посетив музејот на Харли Дејвисон во кој во живо го видов и првиот модел на Харли но и сите други произведувани во годините потоа, како, таму е моторот кој го возел Џемс Дин, и оној кој го вози Питер Фонда во култниот филм “Изи Рајдер“ (Easy Rider), како и моторот кој го вози Арнолд Шварценегер во филмот “Терминатор“ ...

Се враќам во Чикаго во кој град останувам да ги видам канцеларијата на Ал Капоне, највисоката кула во светот до 2009 (во Дубаи прават дупло поголема), Милениум Парк, Хаус оф блуз (кај што е снимен филмот Блуз Брадерс) и други знаменитости.


Ова не беше моето најнапорно патување , не беше ни најдологото зашто сум поминувал и многу лоши патишта и дупло повеќе, но секако е многу значајно за мене од повеќе аспекти.

Успеа ли да ги видиш “сите лица на Америка“? 

Патував по друг континент по пат и држави кои беа посебен предизвик за мене како моторџија. На ова патување го видов и грдото и убавото лице на Америка. Ја видов сиромаштијата на луѓето и приридата, живот во приколки, без струја, вода..., пустина , песок, камен ,жбунови... напуштени куќи, мртви градови, но го видов и раскошот и богатството... 

Возев по силен ветер и дожд, по јако сонце и ниски температури. Температурните разлики на ова патување се движеа од 40 до 6 степени, надморската висина од 0 до 2000, поминав 11 држави и повеќе градови и скоро 5000км, се стекнав бесценето искуство, нови знаења и одлична авантура... И за сето тоа најмногу му благодарам на Господ што и овој пат ми овозможи да го остварам ова патување, што ме чуваше за да го поминав здрав, жив, без повреди и проблеми.

Дали и овојпат се придружуваа „Ноќните волци“? 

На крајот сакам да споменам дека иако цело време зборувам во прво лице еднина, на ова патување не бев сам, патував заедно со мојот клубски брат од Ноќни Волци-Вања Јовановски и други моторџии, совозачи и др. Но, почитувајќи ја нивната приватност и право сами да одлучат на кого, каде и како ќе ги раскажат својте впечатоци и дожувавња од ова патување не сакав да ги инволвирам во овој мој расказ . 

Зошто треба да патуваме? 


Препорачувам, патувајте видете ги другите континенти, градови, држави, природи, општества, култури... Само така ќе може да знаете зашто најмногу треба да си ја сакаме нашата Македонија и да сме среќни што живееме во неа. 

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг