Американски трудници умираат во складишта: Суровите услови за работа предизвикуваат абортуси, а работодавците ги штити законот

Точка

22/10/2018

18:37

2.054

Големина на фонт

а а а

Американскиот весник "New York Times" денес пишува за низа спонтани абортуси на жени на работните места во САД, каде нема законска принуда за работодавците да ги префрлат на полесни задачи. Тие случаи, меѓу кои и смрт на жени од крварење, се најчести на и така тешките работи во претоплите и валкани складишта, каде работат и трудници.

Иако со поддршка на своите лекари бараат преместување на полесни работни задачи, трудниците се принудени и да креваат товар поголем од 20 килограми. Весникот изнесува дека затоа само во едно складиште, во градот Мемфис, во 2014. година дошло до четири спонтани абортуси, а ова лето до уште два, и покрај барањата на лекарите на тие трудници и ветувањата на работодавците дека ќе ги подобрат условите за работа. 

Складиштата се меѓу "најбрзо растечките работни места" во САД, пишува "New York Times" и изнесува дека таму работат повеќе од милиони Американци. Сопствениците на складиштата, посебно оние кои се поврзани со малопродажба и со масовна испорака на роба во курирските служби, од вработените, кои во главно се неквалификувани, бараат голема брзина на работа и придонес во намалувањето на расходите.

На една трудница на такво работно место и се слошило во 2013. година и се онесвестила, а кога две недели подоцна се вратила на работа, работодавецот и предал сметка од 300 долари за превоз до болница. Таа тоа му го кажала на новинарот на "New York Times" само под услов да не го објави нејзиниот идентитет, бидејќи и 5 години подоцна стравува дека може да ја изгуби работата.

Друга работничка на истата компанија, која на работодавецот му пријавила бременост за да добие полесна работа, добила одговор дека "треба да абортира", што таа пријавила на властите, но компанијата негирала дека се случило тоа. "Дискриминацијата на трудниците е раширена во американските компании", пишува весникот и наведува дека "некои работодавци ги ускратуваат идните мајки од унапредувања или зголемувања на плати, а други ги отпуштаат пред да можат да одат на породилно отсуство".

"New York Times" пишува дека анализирал илјадници страници од судски и други јавни документи за вработени жени кои пријавиле спонтан абортус, привремено породување или, во еден случај, мртвородено бебе, откако работодавците ги одбиле нивните молби за помош - "повеќе да не превртуваат тешки душеци, да не креваат големи кутии и да не туркаат натоверани колички" на работното место.

Тие работеле во болница, во пошта, на аеродром, во продавници за прехранбени производи, затвори, во пожарна служба, ресторани, фармацевтски компании и во неколку хотели, набројува весникот. Одбивањето на работодавците да ги задоволат потребните на трудниците, меѓутоа, е сосема легално. Според сојуниот закон, компаниите не мораат да ги прилагодуваат работните задачи според потребите на трудниците, дури и кога имаат полесна работа на располагање.

Само сојузниот Закон за сузбивање на дискриминација на трудниците ги штити идните мајки на работа. Тој содржи само четири члена и стар е 40 години. Вели дека компаниите мора да ги уважат барањата на трудниците само ако тоа веќе го прават и други вработени кои "се слични по својата способност или неспособност за работа".

Тоа значи дека компаниите кои не попуштаат на никого, немаат обврска тоа да го направат ни за трудниците. Вработените велат дека токму тоа го прави сопственикот на складиште во кое ова лето имало спонтани абортуси на работно место.

Како пример за односот кон жените на работното место, весникот наведува дека во октомври минатата година, една 58-годишна работничка им се жалела на колегите дека не се чувствува добро, умрела од срце на подот на едно складиште. Вработените рекле дека работодавците им наредиле да продолжат со работата покрај мртвата жена, додека полицијата не дојде да направи записник за смртта.

Додека сојузниот пратеник Џералд Надлер, демократ од Њујорк, константно бара поголема заштита за трудниците, на ниедно заседавање на Конгресот на САД од 2012. година тоа не било ставено на дневниот ред, како ни слични предлози од низа разни групи на пратеници. Сето тоа редовно го одбиваат републиканските пратеници, со аргумент дека заштитата на трудниците "ги искомпликувала прописите за работа".

Спротивен став имаат само 23 од вкупно 50 американски сојузни држави, кои вовеле прописи за заштита на трудниците на работното место, разнородни, но сепак построги од единствениот сојузен закон на САД.



Спонзорирани линкови

Маркетинг