Зоран Заев и 80-те пратеници не добиле мандат да го бришат името, идентитетот, историјата, традицијата и културата, реагираа денеска преку соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека ниту тие од СДСМ и владејачката коалиција, ниту оние кои го поддржаа Заев, а беа избрани на листите на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, не добиле глас за реализација на антидржавните политики.
„Самиот Заев гарантираше дека Уставот нема да се менува бидејќи бил одлучен и европски. На измамникот Заев зборот му траеше од еден до друг криминален тендер и одлучи да се откаже од се што е македонско и да ги прифати грчките максималистички барања. Македонскиот Устав нема потреба и не треба да се менува. Тоа беше јасно порачано и од македонските граѓани кои не дадоа поддршка на референдумот и се спротиставија на менување на името на Република Македонија, нејзините историја, култура и традиција“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Заев и СДСМ, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се соочат со волјата на граѓаните и да го признаат поразот, се решија да ја силуваат демократијата и институциите.
„На насилнички и крајно недемократски начин ги погазија правдата и правната држава и со тоа ставија точка за понатамошен демократски напредок на Република Македонија. Конечно на виделина се покажа вистинската причина за заднината на политичкиот прогон, монтираните и нарачани обвиненија на СЈО и настаните од 27 април и затворањето на пратеници. Крајната цел на целиот политички терор од страна на власта се покажа дека е уцена за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за да се спроведе преспанскиот договор и да се промени името на државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека ваквото насилство и силување на државата, но и волјата на македонскиот народ се повеќе го поларизира општеството и ја однародува власта, бидејќи како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ погазени се човековите права и достоинството на граѓаните на Република Македонија на кои Зоран Заев им го одзеде правото на самоидентификација.