Сашо Василевски: Не можам да кажам дали ќе гласам за уставни измени

Макфакс

19/10/2018

13:35

3.784

Големина на фонт

а а а

Не можам ништо да ви кажам. На координација сум, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски за „Макфакс“ прашан дали ќе гласа за уставни измени.

„Ќе видите“, додаде тој и не ја исклучи можноста да даде зелено светло за почеток на уставните промени.

Прашан дали по координацијата ќе има став, тој повтори дека тоа ќе го види јавноста за време на гласањето. Василевски не одговори дали ќе оди против партискиот став.

Пратеникот утрово пристигна во Собранието и се напи кафе со своите колеги пратеници. Координацијата неофицијално требаше да се одржи во 10:30, но таа почнала подоцна.

Василевски, кој беше обвинет за настаните од 27 април, во вторникот беше пуштен од куќен притвор, со гаранција од 400 илјади евра по изјавата на премиерот Зоран Заев дека нуди помирување за крвавиот четврток.

Расправата за уставните измени продолжи денеска во Собранието. За дискусија се пријавени уште петнаесеттина пратеници, повеќето од нив од парламентарното мнозинство бидејќи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од дискутирање и побара веднаш да се гласа. Гласањето, сепак, е неизвесно дали ќе се случи во текот на денот ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, а од СДСМ не ја исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ сепак да го користи правото да реплицира.



Спонзорирани линкови

Маркетинг