Турската полиција вчера идентификувала пет лица осомничени за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
По претресот на саудискиот конзулат во Истанбул, како и резиденцијата на саудискиот конзул, турската полиција ја проширила потрагата по телото на исчезнатиот новинар Џамал Кашоги на шумата покрај Истанбул, изјавиле неименувани турски службеници.
Властите сметаат дека една од локациите на кои е можно да е фрлено телото на Кашоги е Белградска шума, покрај Истанбул, пренесува "AP".
Друга локација е руралното подрачје околу градот Јалова, на околу 90 километри од Истанбул.
"Истрагата довела до одредени сомнежи дека неговите остатоци се околу градот Јалова или во Белградска шума", рекол неименуван службеник за "Reuters".
Анонимен извор од американската администрација за "Reuters" изјавил дека американските разузнавачки служби се повеќе се убедени дека саудискиот принц Мохамед бин Салман имал удел во исчезнувањето на Кашоги. Турската полиција вчера идентификувала пет лица осомничени за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, а четири лица наводно се поврзани со Салман, објавил "Daily Sabah".
Американскиот претседател Доналд Трамп изјавил дека смета дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е мртов и предупредил дека САД веројатно многу остро ќе и одговори на Саудиска Арабија, но нагласил дека сепак ги чека резултатите од истрагата.
"Мене сигурно ми делува така. Тоа е многу тажно", им одговорил Трамп на новинарите на прашањето дали е Кашоги мртов.
Како што пренесува "Reuters", американскиот претседател рекол дека сепак сака да почека и да види каков ќе биде конечниот резултат и што точно се случило со Кашоги на кого му се губи секаква трага откако на 2. октомври влегол во Конзулатот на Саудиска Арабија.
Турција тврди дека Кашоги, колумнист на "Washington Post", кој го критикувал саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, бил убиен од саудиски агенти во просториите на саудискиот конзулат во Истанбул на 2. октомври, а дека неговото тело било распарчено.
Саудиска Арабија ги негира тие тврдења.
Дури 15 саудиски државјани се осомничени за исчезнувањето и наводното убиство на новинарот Џамал Кашоги. Еден од нив настрадал во сомнителна сообраќајна несреќа.
Мешал Сад М Албостани, поручник во Саудиските кралски воздухопловни сили, наводно бил убиен во сообраќајна несреќа во Ријад.
Турските медиуми ја пренеле оваа вест, изразувајќи стравови дека ова се случило за осомничениот да биде замолчен.
Во овој момент не се познати повеќе детали за несреќата.